Лабунски се извини, ќе го врати капарот на семејството на починатиот матурант

Пејачот Адам Лабунски се најде во центарот на вниманието на јавноста откако минатата недела беше објавена преписка помеѓу него и семејството на матурант на чија прослава требал да пее, но матурантот починал. Адам за настапот зел капар кој не сакал да го врати, иако семејството си ги побарало парите назад. Потоа на социјалните мрежи беше објавен разговорот меѓу нив. Пејачот сега и самиот се огласи преку „Фејбук“. Тој се извини и рече дека ќе ги врати парите на семејството.

„Деновиве, неосновано и злонамерно бев инволвиран во негативни коментари, поради намерно злоупотребен несреќен случај, за што впрочем, веднаш изразив искрено сочувство. Сметам дека е коректно да се чуе и другата страна, за јавноста да има целосен увид во настанот.

Имено, пред еден месец бев договорен за мое учество со музички состав од Кочани во семејна веселба по повод прослава на матура во ресторан во Кочани. Договоривме цена од 350 евра за вечерта, од таткото на славеникот ми беше даден капар од 100 евра. Откажавме други аранжмани заедно со музичкиот состав, поради веќе договорениот термин. Тоа беше пред еден месец.

Пред една недела, ми се јави родителот на славеникот, ми соопшти дека син му починал, и дека поради тоа нема да има матурска прослава. Изразив сочувство, бев изненаден, бидејќи вакво нешто и мене никогаш не ми се случило. Меѓутоа, разговорот продолжи ладнокрвно, дали капарот пропаѓа или ќе му се врати?! Му одговорив дека ќе се преслушаме за неколку дена. За жал, од наредниот ден не престанаа телефонските повици од сабајле до доцна вечерта, секој ден, повеќепати.

На вибер му одговорив на човекот дека штом ќе бидам во можност ќе му го вратам капарот, во моментот не сум во можност поради други планирани обврски. Се разбира, ја проверив вистинитоста на настанот, да не станува збор за блефирање, затоа што има секакви луѓе.

И покрај се и после се, и во оваа прилика, уште еднаш, јавно го изразувам моето сочувство поради смртта на матурантот, и ветувањето – штом ќе сум во можност капарот ќе му биде вратен на родителот. Иако, во други прилики, откажувањето, независно од причината, не е оправдување за враќање на капар. Сметам дека станува збор за класична злоупотреба да ми се нанесе штета на името и угледот.

Ги отфрлам сите обвинувања и за малициозни ги сметам сите навреди на моја сметка во врска со настанот.

Се вели, сочувство за починатите, здравје за живите, меѓутоа доколку и натаму се продолжи во јавноста со злоупотреба на настанот за навреди и клевети против мене и јас ќе бидам принуден соодветно, во согласност со закон, да го заштитам моето име и дело.

Повеќе не би сакал да коментирам во врска со овој настан со немил епилог“, напиша Адам на својот фејсбук-профил.

Почина матурант на чија матура требало да пее Адам Лабунски, пејачот не го враќа капарот

Адам е син на фолк-пејачот Ибро Лабунски. Во јавноста е најпознат по учеството во музичкиот шоу „Ѕвездите на Гранд“.

Scroll to Top