Македонец ќе стане светски познат дизајнер

Познатиот моден креатор Златко Јовановски беше поканет на Harbin Fashion Week во Кина. Откако ја виделе неговата колекција која беше презентирана на Модната недела во Лондон, организаторите во Кина решиле да го поканат. „Беа фасцинирани од моите уникатност и екстравагантност. Тие ми поставија прашање како не сум светски познат со тоа што го работам и творам, а јас се насмеав и кажав дека за многу кратко време ќе се случи и тоа “, вели Златко Јовановски. „Дури ме прашаа и дали во мојата земја нормално се движам или дали ме следат папараци, фанови и слично“, додава Јовановски, познат по својата ЈЗЈ колекција.


Вели дека таму организацијата е беспрекорна. Имал три свои асистентки и возач за да ги постигне сите обврски.
„Срцето ми беше исполнето кога видов дека моите модели ќе чекорат на писта долга 40 метри, дека има многу осветлување, чад во позадината и филм подготвен специјално за оваа колекција“, раскажува Златко.
Вели дека на ревијата, покрај неговата колекција, биле претставени колекции на многу модни дизајнери од цел свет, од Сингапур, Азија, Кореа, Русија, Романија, Австрија, Германија, Шпанија, Австралија, Франција и многу други.


„Моментално ми се понудени уште доста проекти во други држави, па сега морам паметно да одлучам кои ми се приоритет.
По ревијата следеа интервјуа, од кое едно беше за „Вог“. Морам да признаам дека јас никогаш немам трема пред камери и новинари, но овој пат имав бидејќи и за мене беше благ шок што давам интервју за светската модна библија ‘Вог’“, вели македонскиот моден креатор.

А.Георгиев

Scroll to Top