Министерството за култура ги намали паричните награди на „Макфест“

На 5, 6 и на 7 октомври во Штип ќе се одржи 32. издание на фестивалот на забавна музика „Макфест“.

На прес-конференцијата што се одржа денеска уметничкиот директор Љупчо Марковски го прочита писмото од Министерството за култура, во кое им соопштуваат на организаторите дека паричните награди што ги обезбедуваат тие ќе бидат значително намалени. Со промената најдобрите три песни ќе добијат 1.500, 1.000 и 750 евра наместо досегашните 10.000, 7.500 и 5.000 евра. Ова предизвика големо незадоволство и кај авторите и кај изведувачите на фестивалот, кој до пред само неколку години се финансира самиот.

На „Макфест“ и оваа година ќе има три фестивалски вечери. Во двете полуфиналиња ќе бидат исполнети триесет песни, а во финалето ќе влезат дваесет од нив. Меѓу учесниците се и Андријана Јаневска, Антонија Гиговска, Наде Талевска, Александар Тарабунов, Влатко Илиевски, Симона Поповска, Боби Мојсовски, Бојана Атанасовска, Мартинијан Кириловски и други, а ќе настапат и шест изведувачи од странство.

Оваа година учесниците ќе пеат во живо, но на матрица, бидејќи, како што рече Мирковски, не се обезбедени финансиски средства за оркестарот. Музичкиот продуцент на „Макфест“, Валентино Скендеровски, истакна:

„Мислам дека ќе имаме добар фестивал, песните се со различен аранжман, брзи и бавни, микс, мелодиски се разликуваат една од друга, па се надевам дека изборот што го направивме ќе ѝ се допадне на публиката“.

За влезот во финале и за победникот ќе се гласа со телевоутинг, а гласови ќе даваат и присутните во салата во Домот на културата „Ацо Шопов“. Водител на фестивалот и овој пат ќе биде Димитар Атанасовски.

Scroll to Top