Министри на мака, ќутат каде ќе летуваат

Најголем дел од министрите во Владата заминуваат на годишен одмор, но не кажуваат каде ќе летуваат, кога и колку денови ќе бидат на годишен одмор, пренесе „Макфакс“. На прашањето одговорија само министерката за правда, Рената Дескоска, и министерот за здравство, Венко Филипче.

„Утре одам во Охрид. Не знам точно колку дена, ќе зависи од обврските што може да излезат“, изјави за „Макфакс“ министерката Дескоска.

И министерот за здравство, Венко Филипе, без двоумење одговори на прашањата за годишниот одмор.

„Утре одам за Грција. Ќе останам една недела“, кусо изјавил министерот Филипче.

Другите министри во Владата на Зоран Заев не сакаа да одговорат на прашањата. Посочија дека ги пријавиле одморите кај нивниот работодавач – Владата и дека сите информации треба да ги бараме од нив.

Миле Бошњаковски, портпарол на Влада, најави дека во скоро време ќе биде готова листата со одморите на министрите и на премиерот.

„Службите го подготвуваат соопштението. Ќе го објавиме многу скоро“, рече портпаролот Бошњаковски.

Тој не кажа зошто досега не го објавиле соопштението со оглед на тоа што некои министри веќе се на одмор. Јавноста забележа дека на чествувањето на Илинден ја немаше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. И таа не одговори на прашањата на „Макфакс“ за годишниот одмор. Неофицијално, министерката заминала на одмор во Грција уште пред празникот.

Минатата година Владата на 30 јули објави каде, кога и колку време ќе летуваат министрите и најави дека таквите соопштенија ќе станат пракса.

Scroll to Top