Мјузиклот за Тоше Проески, „Тајно моја“, тргнат од репертоарот на МОБ

Мјузиклот „Тајно моја“, што го режира актерот Тони Михајловски, не е повеќе на репертоарот на Македонската опера и балет. Мјузиклот, кој чинеше 100 илјади евра, нема да се игра до крајот на годинава, а не се знае дали ќе ја има и балканската турнеја. „Тајно моја“ е мјузикл во чест на поп-ѕвездата Тоше Проески и е по либрето на Огнен Неделковски.

Премиерата беше изведена на 24 март годинава. Илија Рајковски, в.д. директорот на МОБ, изјави дека иако имало преговори за балканска турнеја на „Тајно моја“, тоа засега е откажано. Според него, парите за турнеја со кои располага МОБ, 20 илјади евра, се премалку. Парите, пак, за „Тајно моја“ беа обезбедени од Министерството за култура. За потребите на претставата тогаш имаше кастинг-талент шоу, во кое победија  Денис Димовски и Антонија Гиговска. Во жирито беа Игор Џамбазов, Сара Мејс и Игор Дурловски. Мјузиклот е базиран на музичките хитови на Toше Проески, како „Тајно моја“,„Усни на усни“„ Немаш ни благодарам“, „Игри без граници“ и други.

Scroll to Top