Момче генијалец од Скопје смисли апликација за аутистични деца

Даријан Шекеров од Скопје со апликацијата „Сликозбор“, наменета за децата болни од аутизам и пречки во говорот, победи на светскиот натпревар на млади пронаоѓачи. Младото четиринаестгодишно момче победи во конкуренција од 3 илјади проекти од целиот свет.

Сега повеќе од 10 илјади луѓе на „Гугл плеј стор“ ја преземаат бесплатно апликацијата „Сликозбор“ за мобилните андродини телефони.

Со оваа апликација се олеснува комуникацијата на децата и со нивното семејство и со околината.

„Ја направив по желба на моите родители и по желба на Здружението на децата болни од аутизам и пречки во говорот. Лесна е за користење и бесплатна е. Има осум тематски целини: игра и забава, поздрав и разговор, временски појави, облека и обувки, броеви, форми, диви и домашни животни и семејство. Апликацијата е лесна за користење, а работи така што се избира саканата тема, се притиска на одредена слика, по што се слуша глас, позајмен од мојата сестра Срна, која ја опишува сликата“, раскажува Даријан, кој годинава се запиша во прва година во средно училиште.

Вели дека апликацијата ја изработил од срце за да им помогне на децата болни од аутизам и пречки во говорот. Затоа и ја именува „Од деца за деца“.

Апликацијата ја применуваат родители, логопеди, учители во специјалните училишта.

Scroll to Top