Наум Петрески: „Морони, не крадете ми ја музиката за да станете славни“

Фолк-пејачот Наум Петрески јавно ги критикува помладите пејачи нарекувајќи ги морони, кои крадат туѓа музика за да станат славни.

„Сè повеќе слушам млади пејачи или групи што снимаат стари песни од познати интерпретатори и имам да им кажам дека е лесно да се китат со туѓи перја. Ако сакаат да бидат популарни и видени на телевизија, нека направат нешто свое, а не да се шлепуваат на туѓата долгогодишна работа, но и труд. Знам дека ова нема да им се допадне на многу морони затоа што веќе се научиле вака, полесно, да си навежбаат готови песни кои никогаш нема да ги донесат на приближно ниво како оригиналните изведувачи “, напиша Наум во својот статус.

Му се јавивме на Наум да ни каже зошто толкав револт кон некои од пејачите. Во изјава за „Репортeр“, фолк-пејачот вели:

„Не би ги нарекол колеги. Тоа се пејачи што сакаат да се китат со туѓи перја и да станат популарни. Некој цел живот ќе создава музика, ќе пее, ќе дава емоција, ќе гради живот со музиката, а некој ќе препее туѓа песна и ќе сака да стане славен. Досега не ми зеле една песна, зеле сто. Во статусот не зборував за некого конкретно, туку ја коментирав целата ситуација. Јас имам 30-годишна кариера и не сум ја направил со земање туѓи песни“.

Наум додаде дека не се тоа пејачи што препејуваат стари македонски песни, туку пејачи што ја преземаат новата авторска музика.

„Старите песни треба да се зачуваат, треба да се препеат за да останат да живеат. Зборувам за музиката што ја создаваме ние денес. За старите песни треба да се грижи Министерството за култура. Ама ние и немаме Министерство за култура бидејќи не се негува старата македонска музика. Треба да се угледаат на Министерството за култура на Бугарија, на пример, кое има закони со кои ја штити музиката“, додаде пејачот.

Петрески важи за еден од најголемите фолк-пејачи кај нас, кој на почетокот на оваа година година со голем концерт одбележа 30 години кариера.

(А.Ј)

Scroll to Top