Никола Поповски продавал на тезга во Охрид

Поранешниот министер за надворешни работи, сега пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Поповски, има интересна приказна за тоа како дошол до првиот џепарлак.

Во разговорот за „Репортер“ тој ја раскажа својата приказна за првата заработка.

Вели дека тоа било во времето во 80-тите години од минатиот век во Охрид каде што од продажба на секакви дрангулии на тезга со неговиот другар одлично заработиле. Во тоа време имало многу странски туристи, но и туристи од републиките од поранешна Југославија.

„Првите пари ги заработив уште додека бев во основно училиште за време на летните распусти во Охрид, каде што редовно го минував летото. Со другар од детството продававме масури (оние сламарки за на плажа врз кои се ставаше крпата), но продававме и разгледници, спортски реквизити, сè и сешто. Имавме една тезга на градскиот плоштад во Охрид и задолжително правевме обиколка на најфреквентните места, каде што имаше странски туристи“, искрен е поранешниот министер Никола Поповски.

На прашањето дали биле задоволни од заработката вели: „Во 80-тите години холандски, чешки, полски и туристи од другите републики на федерацијата ни беа главни клиенти, па имавме и добра заработка“, открива Поповски.

„И денес се присетувам на ова“, додава ексминистерот „звучи откачено, ама навистина е така и воопшто не се срамам да си кажам како сум заработувал како дете“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

А.Георгиев

Scroll to Top