Никола Тодоров: По сè, семејството и пријателите се тоа што останува

Поранешниот министер за здравство од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, во присуство на своите најблиски пријатели и семејството ја отвори својата адвокатска канцеларија. Канцеларијата е во скопската населба Капиштец, во близина на неговиот дом. По три месеци молк, Тодоров првпат се огласи во јавноста. Тој во изјава за „Репортер“ ни раскажа за тоа како се чувствува сега како адвокат и за новиот предизвик што следува.

„Ова е нов почеток за мене. Многу убаво поминавме на отворањето на канцеларијата. Беше навистина свечено и беше само во кругот на моите најблиски, семејството и, секако, моите пријатели, од кумови до старосвати“, вели Тодоров. Ни откри дека е среќен за оваа работа, дека има верба во себе и дека секогаш ја сакал адвокатурата како професија.

На прашањето дали смета дека поранешната работа како министер ќе му влијае на сето ова, ни рече: „Порано работев 24/7 и сега ќе работам многу, но ќе имам повеќе време за себе и за семејството. Среќен сум што моите пријатели ме поддржаа во ова и навистина, кога ќе размислам, по сè, само семејството и пријателите се тоа што останува“, искрен е адвокатот Тодоров.

(А.Г)

 

Scroll to Top