Од дете пеам, ама не мислев дека на 17 години ќе имам хитови и популарност: Лара Ивановa е нова миленичка на публиката

Една од најпопуларните млади пејачки, Лара Иванова, на 17 години го живее својот музички сон. За неполна година таа промовира три песни: „Некогаш ќе помине“, „Осамена“ и „Кој е сега крив“, и сите три веднаш станаа хитови. Песните се пуштаат на радијата, публиката ги пее, а во јавноста коментираат дека Лара е вистинско освежување на сцената. Дека засега го живее својот музчики сон е и поканата што ја доби за настап покрај Владо Јаневски, еден од нашите најпопуларни пејачи и кантавтори. Таа сега наголемо се подготвува да настапи на неговата свирка во Тетово и вели дека е возбудена што, конечно, ќе почне со настапите во живо.

„Навистина сум пресреќна што ќе имам прв голем настап и ќе пеам со Владо. Со мојот тим решивме дека летото е вистински момент за тоа, а како одлична можност се укажа ова гостување“, ни отрива во разговорот за „Репортер“.

Лара е ученичка во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, на одделот за класичен балет. Во разговорот ни призна дека отсекогаш сакала да пее, но дека не помислувала дека ќе има толкав успех преку ноќ.

„Искрено, не мислев дека толку млада ќе имам неколку хитови. Напорно работев од почетокот и трудот и посветеноста за кратко вродија со плод. Отсекогаш посакував да бидам пејачка, да имам свои песни и да настапувам, тоа не е фаза низ која минувам. Токму затоа и се запишав во музичкото училиште“, ни откри Лара.

Првата песна ја испеа на 5 години на детскиот фестивал „Супер ѕвезда“. Публиката ја запозна пред две години кога првпат пееше на „Макфест“. На популарниот фестивал во Штип се појави и лани, а сега се подготвува за првиот поголем настап во кариерата со Владо Јаневски.

Ни откри и дека од сите песни што ги испеала до сега омилена ѝ е „Некогаш ќе помине“, која ја направија Иле Спасов и Робин Зимбаков. Со двајцата музичари таа соработува од првата песна што ја пееше на „Макфест“ 2019 година. Оттогаш заедно создадоа уште четири песни, но повеќето од нив раскажуваат тажна љубовна приказна.

„Само Робин може да каже зошто во моите песни пеам за тажни љубови, тој ги пишува текстовите. Сепак, не се сите текстови тажни, во ‘Полудена по тебе’ пеам за среќна љубов. Првите две песни ми се балади, но потоа со Иле решивме да одиме со малку побрз ритам и затоа новите песни се во модерен дип хаус стил, со заразен ритам“, ни раскажа Лара и додаде дека веќе работи на новите песни.

И во целата таа популарност што ѝ се случи за кратко време, вели дека најголемата поддршка ѝ ја даваат семејството, другарките и соучениците.

„Ме поддржуваат и искрено се радуваат на секој мој успех. Ретки се негативните коментари, позитивните се далеку помногубројни. Среќна сум што веќе создадов свој круг на публика, која ме поддржува и со нетрпение ја чека секоја моја нова песна. А тоа ме охрабрува и поттикнува да продолжам да работам на нови проекти“, ни рече пејачката.

Ни откри и дека нема музички идоли, но добива инспирација од Адел, Били Ајлиш, Ријана, Аријана Гранде.

„Од септември ќе бидам трета година во музичко-балетското училиште. Во план ми е да студирам балетска педагогија, но имам време да размислувам на таа тема. За сега сум целосно посветена на музиката“, вели Лара.

Андријана Јовановска 

 

 

 

Scroll to Top