„Петар за појадок и пауза“, по седум години, ја врати Билјана Настеска во радио

По седум години пауза, радиоводителката Билјана Настеска-Каланоска е повторно дел од утринското шоу „Петар за појадок и пауза“ на „Метрополис радио“. Билјана не крие дека  е среќна што е повторно дел од емисијата, која на многумина им е омилена на радио. Во разговор за „Репортер“ ни откри дека кога утрово, конечно, седнала во студиото, сфатила колку многу ѝ недостигал адреналинот на оваа работа, но и слушателите со кои комуницирала секојдневно шест години.

„’Петар за појадок и пауза’ е единствена радиоемисија во Македонија што е спонтана, искрена, и што е најважно, буди насмевка на лицето. Моето враќање се должи на соработката помеѓу болницата ‘Неуромедика’ и радиото, но и на мојата желба да го почувствувам адреналинот на емисијата во живо“, ни изјави Билјана за враќањето во „Метрополис“.

Таа вели дека во емисијата се третираат теми што ги засегаат сите, се разработуваат страни и ставови, а се слуша и квалитетна музика.

„Сметам дека ова, генерално, недостига кај луѓето. Ме радува фактот што концептот и искрениот пристап дополнет со многу смеа е задржан до денес бидејќи тоа беше идејата кога се формира емисијата пред 13 години“, додава таа.

Иако „Петар за појадок и пауза“ почна да ја води со Петар Ѓошев и Ана Трпеска, Билјана сега соработува со Маја Казакова, која дојде во емисијата кога Билјана си замина.

„Утрово веднаш ја почувствував свежината што емисијата ја имаше и на почетокот пред 13 години. Истиот дух го носи во себе и сега, а тоа е реткост кај нас. Слушателите знаат дека авторот и креативниот ум кој стоеше зад емисијата е Петар. Заедно со него и со Ана бевме тим што со години им се обраќаше на луѓето. Емисијата во текот на годините имаше промени, што е сосема нормално, па во одредени периоди се смени и тимот. Кога јас си заминав, дојде Маја и одлично се вклопи во целата приказна. Најважно од сè е што енергијата што ја има помеѓу Маја и мене е одлична и верувам ќе донесе уште поголема слушаност“.

А. Јовановска

Scroll to Top