Почина поранешниот министер Абдилаќим Адеми

По тешко боледување, вчеравечер почина Абдилаќим Адеми, кој во претходните влади беше вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор, министер за животна средина и просторно планирање и министер за образование и наука.

Роден е во Шемшево, Тетовско, на 20 декември 1969 година.

Во 1996 година дипломирал на Политехничкиот факултет во Тирана, Албанија, како инженер по металургија. Во Германија на Техничкиот универзитет во Фрајбург стекнал обука во Институтот за градежни и стаклени материјали. Завршил и школа за млади политичари и обука за креирање политика.

Од 2002 до 2006 бил пратеник во Собранието на Македонија, каде што бил член на комисиите за економски прашања, за финансирање и буџет, за транспор, врски и екологија и на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Од 2006 до 2007 бил член на бордот на директори во АД ГА-МА во Скопје. Во периодот 2004-2006 бил асистент на Државниот универзитет во Тетово каде што предавал на предметот анализа на градежни материјали.

Адеми беше министер за животна средина и просторно планирање во периодот од 28 јули 2011 до 20 јуни 2014 година, а министер за образование и наука во периодот од 20 јуни 2014 до 16 јануари 2016 година.

Член е на ДУИ од основањето во Централниот одбор и претседател на разгранокот на ДУИ за општина Јегуновце. Женет е и татко на еден син.

Scroll to Top