Почина рок-музичарот Канго

Рок-музичарот Симеон Иванов Канго почина денеска, објави неговото семејство.

„На денешен ден, 26 март 2018 година, почина нашиот сакан и почитуван творец, патриот и уметник Симеон Иванов Канго. Нашиот сопруг, татко и дедо. Бог да го прости, со сочувство од фамилијата“, пишува во објавата на неговото семејство.

Симеон Иванов е роден во Кочани на 2 ноември 1951 година, каде што го завршил основното и средното образование. Дипломирал на правниот факултет во Скопје. Со рокенрол музиката се занимава од раната младост, а во 2005 година го прослави 40-годишниот јубилеј од својата музичка кариера со концерт во Домот на АРМ во Скопје. Во неговата долга музичка кариера свирел заедно со речиси сите музичари од неговиот град и пошироката околина. Канго е и гитарист, текстописец, аранжер, композитор и продуцент на неговиот истоимен бенд, кој опфаќа гитара/вокал, бас гитара и тапани.

Над 20 години, Канго е и сопственик на училиште за рокенрол музика каде го предава своето искуство на помладите генерации. Автор е на 4 збирки поезија: „Воскреснување“ (1988), „Вознесување“ (1989), „Вдахновение“ (1990) и поемата „Распетие“ (1997). Има издадено 6 музички албуми: „Воскреснување“ (1991), „Вознесување“ (1994), „Реинкарнација“ (1995) албум со преработки на песни на легендарниот гитарист Џими Хендрикс во изведба на Канго, „Вдахновение“ (1996), „Проповеди“ (1997), „Проповеди“ (1998) кој е компилација од најдобрите песни на Канго по повод 35-годишнината од неговата кариера. Кон крајот на 2007 година излезе седмиот албум наречен „Откровение“.

Scroll to Top