Преку сликите кои ги црта, Александар Поповски го чува споменот за Тоше

Александар Поповски е млад уметник чија најголема инспирација е Тоше Проески. Досега има насликано преку 100 слики со ликот на Тоше, а последната од нив се најде во спотот за песната „Полско цвеќе“ на Инструментал бенд.

„Идејата за оваа соработка се роди пред пола година. Момците сакаа преку спотот да доловат силни емоции кај публиката, а мене ми требаа неколку недели да ја насликам сликата која е во стил малку поинаков од мојот. Сакав да го доловам неговиот сериозен поглед, мистиката, портретот да има длабочина, а за тоа ми требаше многу смиреност и инспирација“, рече Александар за „Репортер“.

Првиот нацртан портрет

Тој е огромен фан на Тоше. Првиот портрет со ликот на пејачот го направил 2008 година, а на почетокот на 2013 година ја направил и првата изложба во негова чест во Битола.

„Ова ме инспирираше да почнам професионално да се занимавам со уметност, па во 2013 година направив уште две изложби, во Скопје и во Велес“, раскажува тој.

Последната изложба ја имал во 2015 година во спомен куќата на Тоше во Крушево.

„Ниедна изложба не беше продажна, целта не ми е заработка, туку да му оддадам почит на Тоше. Убеден сум дека инспирацијата никогаш нема да згасне,“ вели Александар.

Следна цел на уметникот е да направи скулптура – биста со ликот на Тоше која ќе биде претставена на 25 јануари следната година на денот на неговото раѓање.

Андријана Јовановска

Scroll to Top