Примабалерината Александра Мијалкова уште на прва остава впечаток на едноставна и спонтана личност. Умерена, опуштена во разговорот, сѐ уште под импресии од неодамнешната премиера на балетската претстава „Либертанго“, која се играше во МОБ.
Претставата помина одлично. Аплауз, публиката на нозе, овации за изведбата. Приказната е за познатиот композитор Астор Пијацола како и за настанувањето на тангото како танц.
„ Преубавата музика за мене беше инспирација за игра, како и движењта преку кои се искажува страста, љубовта, конфликтот, а тука се и преубавите бои на претставата. Сето ова многу и се допадна на публиката. Ги пренесовме нашите емоции на публиката, а тоа се виде и од громогласниот аплауз. Се радувам на следната изведба“, вели примабалерината Мијалкова за „Репортер“.
Повеќе од 25 години е на балетската сцена. Зад себе има многу одиграни улоги, претстави, секогаш беспрекорна во изведбата. Јубилејот во балетот го одбележа со претставата „Клеопатра“ за која вели дека ѝ е една од омилените балетски претстави.
„Жалам што е тргната од репертоарот, но се надевам дека набргу пак ќе се врати“, вели Сандра.
Од мало деветгодишно девојче, кое дома играло пред огледалото, до примабалерина која ќе го понесе товарот на целиот репертоар секогаш кога ја има главната улога, Мијалкова вели дека не било лесно и едноставно. „Балетот бараше од мене многу одрекувања, многу труд и многу работа“, раскажува таа.
Нејзината мајка, балерината Смилка Георгиевска, решила на 9 години да ја запише на балет. „Замисли, моите другарки една година пред мене тргнаа. Многу плачев, но мајка ми сметаше дека треба да тргнам една година подоцна. И ми рече, ако те бидува, ќе играш, ако не, немам намера да дозволам да играш во последните редови“, искрена е Сандра. И додава:„Подоцна кога ги добивав главните улоги, мајка ми и татко ми, секогаш ми велеа, дека успехот после добро одиграната претстава, да го прифтам нормално и да не летам во облаци дека сум ѕвезда. Јас сум многу самокритична како човек, секогаш мислам дека може подобро, а тоа всушност мислам дека е добро за нашата работа, зашто води кон напредување. Ако мислиш дека си најдобар, најубав и најпаметен, ќе стагнираш. Успехот и неуспехот треба нормално да ги доживуваш и да знаеш да се носиш во секоја ситуација“, вели таа.
И додава дека иако некогаш имала тешки моменти, кога можеби и сакала да се откаже, сепак успевала да го преброди тоа. Најтешко можеби ѝ било кога синовите Јордан и Александар биле мали. Вели: „Тогаш ми беше навистина малку напорно. Децата беа мали, домашните обврски големи, беше напорно да се постигне секаде, на проби на сцена, дома, но со добра организација и разбирање секогаш има успех. Сепак, имав голема поддршка од мојот сопруг Сашо, кој да не беше покрај мене, јас и немаше да бидам толку успешна“, вели Александра.
Нејзината љубовна приказна со Сашо Мијалков, поранешен шеф на УБК, започнала пред 27 години во популарното кафуле во тоа време „Рома“ во Мавровка.
Вели дека тука првпат се виделе. „Нам кафулето ни беше карши театарот и многу често одевме таму после пробите, а и таму имаше добро италијанско кафе, како ретко каде во градот. Таму најчесто се гледавме и се засвиѓавме. Тој имаше уште тогаш бизнис во Прага, Чешка а воедно и студираше, па ќе се случеше еден месец да го нема во кафулето, а јас го чекав да дојде. Подоцна започнавме врска, а по две години, се зедовме кога се роди и синот Јордан“, раскажува Мијалкова за тоа кога почнала љубовта со осум години постариот сопруг.
На шега вели дека морало да го почека да дипломира, па да ја направат свадбата, која била во тогашниот хотел „Грант“, денешен „Холидеј ин“.
„Тоа беше навистина весела свадба. Многу се играше, особено што имаше многу балерини, па некако навистина беше многу весело“, раскажува примабалерината.
Интересна е приказната за црвениот плик што го добила од Сашо, кој тогаш ѝ бил дечко, на првата премиера кога имала 18 години. „Бевме веќе во врска со Сашо. Јас првпат добив главната улога на девојката во „Епот за Гилгамеш“. Тој не беше во Скопје, туку во Прага. Се слушавме тогаш на обични телефони, бидејќи мобилни немаше памтам, а тој секако знаеше дека имам премиера. Кога заврши премиерата, јас на сцената, покрај цвеќето добив плик, но од возбуда не му обрнав внимание. Кога се качив во гардероба го отворив, гледам телеграма од Сашо, ми ја честита премиерата. Многу бев среќна, зашто организирал и темпирал на сцена да го добијам. Од секогаш знаел како треба со жената и навистина е голем романтичар“, раскажува Сандра. И додава дека нејзиниот сопруг ужива во класичниот балет.
„Тој има посебен однос кон уметноста и балетот. Да не е тој, немаше ни да бидам успешна. Секогаш ме подржувал во сѐ“.
И синовите го сакаат балетот како уметност, ни откри Мијалкова.
Ја прашавме како успеала на тројца мажи да им го наметне балетот. Низ насмевка вели: „Едно женско сум, мора да ме гледаат и чуваат. Инаку јас многу сум блиска со Јордан и Александар, тие сега веќе се големи, но многу ме почитуваат, а јас сум им како постара сестра и тука сум секогаш за нив, за да и дадам некој совет. Сѐ ми кажуваат, за девојките, за проблемите, разговарам отворено со нив, ги учам да почитуваат, да бидат воспитани, културни, љубезни и да ги вреднуваат правите работи во животот“, ни раскажа примабалерината.
Тие се секогаш се во првите редови заедно со татко им на секоја нејзината премиера или претстава. „Треба да има некоја многу голема работа за да бидат спречени“, додава Сандра.
На прашањето како стои со девојките на синовите, низ насмевка вели: Јас ќе бидам добра свекрва и знам дека ќе имам одличен однос со снаите“.
Александра ни раскажа дека сака да готви и дека дома сите јадат, пред сѐ, македонски специјалитети, а потоа сѐ друго. Но, дека особено внимава на линијата и на изгледот и дека не само затоа што е балерина туку и како жена сака убаво да изгледа. Дека секогаш се труди да најде време за себе, да посети салон за убавина, да се види со пријателите и да испие кафе со нив.
Александра Георгиев