Сестри Македонки најдобри гимнастичарки во Германија

Македонките Илина и Ева Соколовски oсвоија златни медали на републичкиот натпревар по ритмичка гимнастика во Германија. Во своите категории и двете освоија први места. Илина (9) двапати освои златен медал на традиционалниот турнир што се одржа минатата недела во Германија во градот Боркен, но и на натпреварот што претходно се одржа во градот Билефелд. По овие два натпревара, Илина идниот месец ја очекува турнир за квалификации за големото германско финале. Доколку на овие квалификации освои едно од првите три места, ќе се натпреварува во големото германско финале.

Нејзината помала сестра Ева, пак, на истиот натпревар во својата категорија, за деца до седум години, го освои златото.

„Илина досега има освоено многу награди на државно ниво. Беше прогласена за најдобра гимнастичарка на градот, освојуваше први и втори места на државни натпревари и поради нејзиниот голем успех, градот Билефелд ѝ додели нагрда за најдобро дете спортист. Ева сè уште е на почетокот, помала е, но, ете, и таа го освои првото место. Вљубени се во овој спорт и среќни сме што нивната љубов и талент даваат резултати. Се гордееме и како родители, но и како Македонци бидејќи и двете на републичките и државните натпревари учествуваат со македонски пасоши“, ни раскажа Горан Соколовски, татко на шампионките Илина и Ева.

Нивниот талент и пехарите придонесоа и двете да бидат омилени деца во градот. Илина, пак, веке добива понуди за снимање реклами. Една од тие понуди е и рекламирањето детски соби од една позната руска фирма, каде што малата Илина им беше модел.  (А.Г.)

Scroll to Top