Што велат познатите за евровизиската песна на „Ај Кју“

Евровизиската песна Lost and Found на „Ај Кју“ беше промовирана пред неколку дена. Првите впечатоци на публиката, но и на македонските музичари се позитивни. За „Репортер“ велат, направена е мајсторски, дека е непредвидлива и дека има европски звук.

„Мене ми е скроз фаворит. Не дека ми се другари, ама песната е топ. Цел ден од глава не ми излегува песната. Браво“, рече Кристина Арнаудова.

Сличен став има и Виктор Апостоловски.

„Се гледа дека Бојан ја правел. Модерна поп песна направена во стил на еден од нивните омилени бендови Coldplay. Често сме праеле муабет на темава додека работевме заедно, знам колку им значи ‘Евровизија’ така што им посакувам среќа на настапот во живо“, вели тој.

„Песната е модерна и одлична. Спотот е фин. Со нетрпение чекам да видам како сето тоа ќе изгледа на сцената“, ни рече Александар Белов.

Роберт Билбилов, кој има големо евровизиско искуство, вели дека песната е со одличен аранжман и продукција.

„Можеби не светски, но ќе речам дека има европски звук. Ние како нација очекуваме песна што ќе има бомбастичен рефрен, научени сме на такви песни. Мислам дека луѓето очекуваат нешто вау, а не знаат што е тоа. Сакаат да слушнат нешто веќе слушнато. Мој став е дека секоја песна бара време да си легне, посебно добра песна. Оваа песна мене ми е мајсторски направена“, ни кажа Роберт.

Ланската претставничка, Јана Бурческа е воодушевена од оваа песна.

„Марија има многу специфична боја на глас и мило ми е што во песната е оставен простор тоа да се истакне. Звукот е модерен, а стилот шаренолик што ја прави песната непредвидлива и мислам дека токму тој елемент на изненадување ќе ја освои евровизиската публика. ‘Ај Кју’ е искусен состав и верувам дека лесно ќе се навикнат на евровизиската сцена. Најважно е да уживаат и да впиваат искуства! Lost and Found е песна што ќе се слуша уште долго. Им посакувам многу среќа и конечно влез во финале бидејќи сметам дека на Македонија ѝ се случува вистинска евровизиска ренесанса“, вели Јана.

А. Јовановска

 

Scroll to Top