Тоше ја одбрал „Игри без граница“ или песната го одбрала него

Песната „Игри без граница“, која ја виде светлината на денот само неколку месеци пред да загине Тоше Проески, успеа да ја одбележи кариерата на можеби еден од најдобрите вокали на овие простори.

Многумина скриените пораки во песната ги протолкувале дека се однесуваат на неговиот живот. А неверојатно е тоа што таа песна не ни била наменета за него туку очигледно судбински ја одбрал. Или, пак, песната го одбрала него.

„Тоа е песна што ја напишав пред да го запознаам. Го сретнав Никша Братош и му велам ‘Имам песна што не ја давам на никого. На никого. Тоа е толку добра песна што имам намера да ја пеам сам, па што сака нека биде. Но, од тебе барам, поради тоа што досега имаме соработувано, да ми ја средиш аранжмански за без пари’. И тој се согласи. Ме праша како се вика песната. Јас му велам ‘Игри без граници’“, вели Мирослав Дрљаќ Рус, човекот кој го напишал текстот за оваа песна, инаку автор кој работел за Жељко Бебек, „Црвена јаболка“, Мишо Ковач…

По некое време, раскажува Рус, кога се возел со Тоше во автомобил пејачот го прашал:

  • Си имал некои песни кои само за себе ги пишуваш?
  • Да.
  • Може ли да ги слушнам?
  • Тоа се тешки песни. Не се популарна музика.

„Но Тоше пребарувш по моите цедиња и оддеднаш се насмевна. На цедето пишуваше -Мирослав Рус, песна што не ја давам на никој. Тоше го стави цедето во радиото и ја слушна првата песна ‘Игри без граници’. Тоа беше крај. Едноставно не дозволи да продолжам да сонувам дека самиот ќе ја испеам. Тоа беше негова и крај“, вели Рус.

Кога стигнал во студиото со Тоше многумина му рекле тој е премногу млад за таа песна и дека истата е претешка за него.

„Не помислија дека се работи за вонсериски пејач. Кога Тоше ја испеа песната сите беа воодушевени. Има пејачи кои снимале песни и по неколку дена. Тоше песната ја испеа од прва. И кога ја отпеа ме повлече на страна и тивко ме праша ‘Рус, добро ли ја отпеав’. Господе Боже, ја отпеа подобро отколку што јас ја напишав“, раскажува Рус.

 

 

 

 

Scroll to Top