Тројца Македонци на Охридскиот пливачки маратон

Охридскиот пливачки маратон, трет во Гран при серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА), се одржува денеска во водите на Охридското Езеро. Учеството на 31. издание на маратонот, кој се плива на патеката „Климе Савин“, чија должина е 30 километри, го пријавија 22 пливачи (15 во машка и 7 во женска конкуренција).

Минатата година во машка конкуренција победи Томи Стефаноски, а во женска триумфира Русинката Олга Козидук. Оваа година учеството на мартонската трка го пријавија тројца Македонци – Евгениј Поп-Ацев, Александар Илиевски и Александар Панчевски.

„Не сакам да се навраќам на тоа што се случи минатата година, но добро е што извлеков поука и научив многу работи. Сигурно дека тоа ќе биде мотив повеќе за мене и нескромно најавувам дека одам на победа. Со години во Охрид сум во потесниот круг, а сега сум и во добра форма и нема потреба да ги кријам моите амбиции“, рече Поп-Ацев, кој триумфира на маратонот пред две години.

Преставникот на ФИНА на пливачите им посака мирно езеро, добро здравје и добра трка. Охридскиот маратон е трет и претпоследен во Гран при серијата. Светскиот куп во отворени води завршува во Капри, Наполи, на почетокот од септември.

Инаку, покровител на маратонот е претседателот на државата, Ѓорге Иванов, главен организиратор е Општина Охрид заедно со Пливачката федерација на Македонија, Агенцијата за спорт и млади и Сојузот на спортските федерации во Македонија.

Наградниот фонд и оваа година изнесува 10.000 американски долари.

Scroll to Top