Уникатни дизајни со потпис на Тиноски

Валентин Петрески – Тино веќе неколку години својата креативност ја пренесува преку дизајните со уникатни слики со потписот #тиноски. Тино е водител на образовно-едукативната емисија „Голем одмор“, а работел и како водител на забавната емисија „Во тренд“, која се емитуваше пред осум години.

„Тиноски почна сосема случајно кога пред две години посакав да си направам уникатна шолја за себе. Тоа мало дело, прво чедо, го споделив со пријателите на ‘Инстаграм’ и оттогаш почна да се раскажува приказната што се развива и создава нови идеи“, вели Валентин за „Репортер“.

Луѓето го препознаваат неговиот стил на работа.

„Тоа ме радува бидејќи во време кога сѐ е измислено, успеваш да бидеш свој. Точките уште од самиот почеток ги отсликуваат сите работи со мојот потпис, основната црно-бела-црвена комбинација, а најмногу од сѐ би рекол енергијата и љубовта со кои се прави секое парче. Исто како да ми е прво“, вели тој.

Валентин почна да слика на чаши, но потоа тоа се прошири на чинии, па на престилки, црта и слики со уникатна порака, а сега веќе црта и на блузички за деца.

„Креирањето е процес кој кога ќе почне, нема крај. Никогаш не размислував во таа насока, но идеите сами навираат. И самите желби на луѓето ме тераа да размислувам во таа насока, па затоа секогаш велам дека ова е заеднички проект меѓу мене како творец и луѓето како критичари и купувачи од другата страна“, додава Тино.

Пред него се многубројни нови предизвици. Криво му е што идеите досега не ги реализирал, но дека ќе дојде време кога ќе се случат.

„Никаде не брзам. Сè се случува со причина и во време во кое треба да се случи. Следниот предизвик е на тема порцелан, а деталите ќе ги откријам набргу“, ни рече Валентин.

Андријана Јовановска

Scroll to Top