Урма торта по рецепт на Марко Марк

Телевизискиот и радио водител Марко Марк секогаш внимава на исхраната. Вели, ретко претерува, се храни здраво, спортува. Но, едно од неговите омилени слатки задоволства е тортата со урма и авокадо.

„Ја пробав неодамна кај другарка, па откога ми го даде рецептот и самиот ја направив неколку пати. Не е тешка за подготовка, а превкусна е за јадење“, рече Марко за „Репортер“.

За овој рецепт ви се потребни 800 гр. урми без семка, 300 гр. ореви, 100 гр. какао, 3 лажички мед, 2 големи лажици растопено кокосово масло. Зелениот прелив ви се потребни 2 авокада, 1 лажица мед и неколку капки лимон кој се става за да не потемни авокадото.

Урмите се потопуваат со топла вода и се оставаат да постојат 15-тина минути. Потоа се цедат, се чека да се оладат и се блендаат заедно со сите останати состојки. Не се матат со миксер туку во блендер за да се добие мазна смеса. Смесата се става во калап или во кој било сад во форма во којашто сакаме да биде тортата. На калапот се става проѕирна фолија за полесно да се извади. Се остава да отстои во фрижидер неколку часа, ама најубаво преку ноќ. Кога ќе биде убаво остината и стегната се превртува. Преку основата се става филот од авокадо. Сите состојки за филот се ставаат во блендер за да се добие мазна смеса. Врз филот се реди шумско овошје.

Scroll to Top