(Видео) Фудбалската легенда на „Вардар“ денес живее во мизерија

Венцислав Симоновски, дел од славната генерација на „Вардар“, која во поранешната држава во 1987 година ја освои шампионската титула, го преживува најтешкиот период од својот живот. Поранешниот фудбалер нема елементарни услови за живеење, нема никакви приходи, а тажната приказна ја раскажа за телевизијата „Стар“.

„Немам никакви приходи. Струјата ми е исклучена веќе четири години. Вака, без услови, тешко е“, раскажува Симоновски.


Единствената што се грижи за поранешниот фудбалер е снаа му, која барала помош по сите институции, но како што вели, не добила од никого.

„Од Центарот тоа стално ми го велат: ’Ние немаме ингеренции’. Поради тоа сум револтирана, како може една личност сама да живее бидејќи јас го пријавувам како сам. Тој нема никого, нема мајка, татко, сопруга. Сега јас се грижам за него, го гледам исто како и моите два сина“, раскажува снаата на Симоновски.

„Досега сите го знаеја. Венцислав Симоновски, легенда. Прва класа фудбалер. Светска личност. А сега никој не го спомнува како да не постоел.“

Симоновски е и поранешен репрезентативец, а во незаборавната сезона на „Вардар“ како дел од тимот во кој беа Панчев, Најдовски, Рингов, Савевски, Станојковиќ, Јаневски, одигра 29 натпревари.

Scroll to Top