(ВИДЕО) Нена Мицева – ново име на македонската естрада

„Кога си до мене“ е првата песна на поп-пејачката Нена Мицева, која својата музичка кариера ја започна со преработки на познати странски и домашни поп-хитови.

Нејзиниот колега и пријател, поп-пејачот Дарко Илиевски е автор на деби синглот на Нена, кој е веќе промовиран на Јутјуб и на социјалните мрежи. Дарко ги напиша музиката и текстот, а ги направи и аранжманот, миксот и мастерингот. Гитарите ги отсвире познатиот композитор Лазар Цветковски. За “Кога си до мене” е снимен и спот, изработен од „Пирамид продукција”, а е во режија на Кристијан Шемко.

Талентираната пејачка има 19 години и е студен во прва година на УКИМ, Факултет за фармација. Музичките почетоци ѝ се во училиштен хор, а подоцна имала настапи како соло изведувач во хорот.

„Првите професионални часови по пеење ги добив од професорката Лидија Пшенко, која беше мој ментор за време на градските и државни натпревари по соло пеење, на кои освоив неколку високи награди”, вели Нена за своите почетоци.

Минатиот месец на фестивалот „Езерски бисери“ во Струга ја освои наградата „Прв дипломант”. Нејзината прва преработка е хитот „Runnin” од Бијонсе, а подоцна ја промовираше и „All in my head” од Тори Кели. И двете преработки се направени во соработка со Дарко Илиевски.

„Во меѓувреме со Дарко работевме уште една преработка, но овој пат од македонски изведувачи. Тоа е песната ‘Едно тело’, која е во оригинална изведба на ДНК и Дарко Илиевски”,  раскажа Нена.

„Мојата прва песна ја доживувам многу емотивно. Почнувајќи од аранжманот, па сè до приказната во спотот, кој зборува за врските на далечина. Работевме напорно со целиот тим. Мило ми е тоа што на македонската естрада претставуваме нешто комплетно ново и свежо. Искрено се надевам дека песната ќе доживее успех”, изјави пејачката.

Scroll to Top