(Видео) Промовиран документарецот „Остани различен“ на Мариа Дибиаџио

Во киното „Фросина“ вчеравечер беше промовиран документарниот филм „Остани различен“ на Македонката Мариа Дибиаџио. Негова цел е да ги поттикне жените по триесеттата година да спортуваат поактивно, но да поттикне и хуманост кај тие што ќе го гледаат.

Документарниот филм го следи шестдневното патување на Дибиаџо низ Македонија со трчање и со возење велосипед.

„Го снимавме во лоши временски услови, јас се разболев, па трчањето и возењето велосипед ми беше многу напорно. Во тие неколку дена ништо не одеше според планот“, раскажа Мариа.

Иако снимањето траело само шест дена, филмот е работен неколку месеци, а снимките од убавините на Македонија се дополнети со музиката од Кирил Џајковски, Есма и Дуке Бојаџиев, Бете Илин, Сузана Турунџиева. Снимател е Борис Каески, а режисер е самата Мариа.

„Сакав да стигнам до четирите граници на земјава, со Бугарија, Србија, Албанија и Грција, а притоа да ја зголемам свесноста на жените над 35-та година дека можат и дека треба да спортуваат. Втората цел беше да им ги покажам на гледачите убавините на Македонија“, рече Мариа.

Мариа Дибиаџо е активист, спортист и хуманитарец, Македонка која живее на релација Македонија – Америка. Таа е основач на здружението „Розова поддршка“ кое има за цел да обезбеди средства и помош на маргинализираните групи и семејства од социјално ранливите категории. Нејзината компанија за производство на спортска опрема донира дел од производите токму на овие луѓе.

„На крајот од снимањето го посетивме планинското село Нерав, за кое што верувам дека дури ни луѓето од Крива Паланка не знаат дека постои во нивна близина. Во тамошното училиште учат само девет деца од прво до деветто одделение. Оваа година најголемите донации ќе бидат насочени кон нив. Но, би сакала да упатам апел до сите, доколку знаете за вакви случаи, за маргинализирани села, за луѓе кои живеат во сиромаштија, да ме контактирате, да направиме нешто заедно“, рече Мариа по премиерата на филмот.

Андријана Јовановска

Scroll to Top