(Видео) Прв заеднички настап на Влатко Стефановски и Јосипа Лисац

Македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски минатата недела одржа концерт во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Тој пред хрватската публика ги свиреше своите најголеми хитови, ама и песните од новиот албум „Мајчин јазик“. Специјална гостинка на концертот на Влатко беше хрватската пејачка Јосипа Лисац. Таа во негова придружба ја испеа народната песна „Јано мори“.

Ова беше прв заеднички настап на двајцата врвни музичари, а предизвика огромен аплауз кај публиката во салата. Присутните што го споделија видеото од настапот оставија коментари дека Влатко секогаш свири од срце, а дека Јосипа пее како ангел.

Неколку дена по настапот на Влатко во Хрватска, концерт во Скопје имаше Јосипа Лисац. Таа пред македонската публика се потсети на концертот на Влатко.

„Со години имам желба да снимам нешто етно, ама не сум сигурна дека можам да го доловам македонскиот сензибилитет. Влатко пред концертот во ‘Лисински’ ми рече: ‘Ама ти го можеш тоа’, и на мое задоволство ја испеавме ‘Јано мори’, за мене најубавата македонска народна песна“, рече Јосипа на концертот во Македонска филхармонија, а потоа запеа мал дел од песната.

Scroll to Top