За познатите, скијањето е класика, а бордингот адреналин

Ски-сезоната веќе на големо е отворена. Повеќето јавни лица од кај нас се спремаат да заминат во некој од ски-центрите. Едни скијаат, повеќето сакаат бординг, ама има и такви што никогаш не научиле.

Повеќето јавни фаци за „Репортер“ ја откриваат магијата за зимските спортови.

Каролина: Јас сум пелистерско дете, скијам од мала

Поп-ѕвездата Каролина Гочева вели дека скија уште од дете, а низ годините само повеќе го усовршува скијањето. „Како и секое пелистерско дете, скијам од рана возраст и скијањето можеби е единствениот спорт во кој уживам“, раскажува Каролина. „Го сакам и ритуалот на дружбите на бачило и сметам дека скијањето е еднакво добра забава за сите членови во семејството“, додава таа. Вели дека секоја година оди на скијање и дека и овој пат планира да скија.

Каролина

„Оваа сезона планирам да одам во некој ски-центар, но, ете, сѐ уште не сме испланирале каде точно и кога“, открива поп-пејачката.

Мики и Светлана се опасни скијачи

Во семејството на Мики и Светлана Црнокрак на големо се скија. Скијаат и тие, но и нивните две ќерки. Мики вели дека едвај чекаат да дојде зимскиот распуст и да почне ски-сезоната за да отидат семејно на скијање.

Светлана и Мики Црнокрак со водителката Елена Стефановска

Задолжително скијаат во Маврово, каде што и за викенд може да одат почесто, но во текот на зимата задолжително одат во ски-центрите, како Банско и Боровец, за да уживаат во скијањето.

Дани: Бордингот е потежок од скијањето

Поп-пејачката Дани секогаш е за зимските спортови, ама вели дека сноубордот повеќе ѝ лежи од скијањето и потенцира дека бордингот е потежок зашто двете нозе ти се врзани на една штица. Во интервју за „Репортер“ таа откри дека во бординг ужива веќе 8 години.

Дани Димитровска

„Јас си сакам поекстремни спортови, ама не мислам дека бордингот е нешто екстремно. Но, искрено, ако треба да избирам меѓу скијањето, што е класика, и бордингот, јас го избирам второво“, открива таа. Со години ја има истата штица за бординг, која едвај чека да ја извади од подрумот и да се качи на неа. „Лани бев во Банско и на Боровец, ама јас сум тип што не седи долго на едно место. Четири дена и доста е, и годинава така ќе биде“, додава поп-пејачката.

Тијана никогаш не научила од страв да не скрши рака

За поп-пејачката Тијана Дапчевиќ, скијањето отсекогаш бил екстремен спорт. Таа раскажува дека поради челото, кое до 28 години го свирела активно, не научила никогаш да скија.

Тијана со синот Вук

„Скијањето за мене секогаш бил екстремен спорт. И бидејќи бев челистка и до 28. година свирев активно, кога требаше да учам да скијам, јас бегав, не дај боже, да паднам да скршам прст или рака, како ќе свирам потоа“, раскажува Тијана. „Ама затоа моите мажи скијаат, па одиме често на Копаоник. И додека тие скијаат, јас уживам во варено вино“, додава Тијана, која до неодамна ја гледавме во регионалното музичко шоу ТЛЗП.

Арнаудова, поради децата, лани научила бординг

Поп-пејачката Кристина Арнаудова почнала со бординг лани. Годинава планира да оди во Банско, каде што ќе учи да биде подобра од минатата зима.

„Почнав да учам да бординг минатата година. Со мали чекорчиња, ама битна е желбата. Маж ми е скијач, има и лиценца за инструктор за скијање и многу сака зимски спортови. Кога Максим наполни 3 години, го ставивме на скии. Јас останав сама да се досадувам додека другите се забавуваат. А и сакам да сум позитивен пример за моите деца, да немаат страв и да се занимаваат со спортови. Решив да го победам стравот. Годинава верувам дека ќе бидам многу подобра од лани“, вели Арнаудова. Таа раскажа дека речиси цел јануари се на планина, а дури и дел од февруари и март се во ски-центрите.

Кристина со децата

 

„Тоа ни е бегство од загадениот воздух во Скопје во зима. Банско е нашето омилено место што ни стана втор дом“, додава пејачката.

Бордингот во Копаоник ги опушта Димитар и Сара

Водителот Димитар Атанасовски и неговата сопруга Сара Мејс на големо уживаат во зимскиот спорт. Тие веќе се на Копаоник, каде што, наместо на скии, уживаат во бордингот. Димитар вели дека ужива во него веќе 4-5 години. Ама треба уште да учи.

„Сум скијал претходно. Сега сум на штица. Дали сум умешен? Па, и не баш. Имам уште многу за учење. Ама возам“, искрен е Димитар . Тој вели дека засега омилена локација му е Кожув, но проблемот е што ски-центарот не функционира, иако планината е најубава.

Сара и Димитар

Сара, пак, вели дека почнала да учи да скија многу одамна, ама малку траело тоа. „Последниве 4 години многу сакам бординг. Ми се допаѓаат терените на Боровец и Пампорово бидејќи се повеќе пошумени и не се толку комерцијални, вели поп-пејачката.

Фани е за скијање во Швајцарија

Поп-пејачката и диџеј Фани Христова вели дека оваа зима нема да скија од претпазливост да не се повреди пред заминувањето на Тајланд, каде што дипломира на Универзитетот по јога.

Фани

„Но, нема поубаво нешто од овој рекреативен спорт, а јас уживам кога сум на планина. Имав среќа да одам кај пријатели во Швајцарија и не можам да ги опишам тие скијачки центри, нешто прекрасно. Но, за викенди често одам и кај пријатели во Битола, па задолжително се качуваме на Пелистер, каде што или скијаме или со часови го минуваме времето на чист воздух. В година планирам секако да одам и на скијање и на планина на чист воздух“, вели Фани.

 

Подготвија:

Александра Георгиев

Андријана Јовановска

Scroll to Top