Холандија победи, Тамара е осма: Македонија првпат се бореше за победа на Евросонг

Македонија првпат годинава доби поени од речиси сите земји на Евровизија. За песната Proud на Тамара гласаа и земји што никогаш досега не ѝ дале поени на Македонија. Позитивни коментари на социјалните мрежи, пораки за поддршка, еуфорија, овации од публиката во салата по нејзиниот настап. Тамара освои 237 поени од стручното жири, а 58 од телевоутингот, па заврши на осмото место. Победник на годинашниот Евросонг што се одржа во Тел Авив, Израел, е Данкан Лоренс од Холандија со песната Arcade.

Во финалето на 64. Евровизија се натпреваруваа 26 земји. За победникот одлучуваа гласовите на стручното жири и гласови од телевоутингот од 41 земја учесничка, а поените се доделуваа по принципот 50-50. Од жирито најмногу гласови доби Шведска – 239, втора беше Македонија – 237, а трета беше Холандија со 231 глас.

Македонија 12 поени од жирито ѝ ги даде на Италија.

Инаку, ова е најдобар пласман на Македонија на Евровизија до сега. Претходно, најдобар пласман имаше Елена Ристеска со песната „Нинанајна“ во Атина 2006 година.

Scroll to Top