Научници на НАСА пронајдоа карпи на Марс

НАСА Ровер Кјуриосити пронајде карпи на Марс кои се брановидни, односно издлабени од бранови што укажува дека некогаш тука имало античко езеро. Роверот неодамна испрати неверојатни фотографии од обрасци на површината на карпите издлабени од брановите на плиткото езеро пред милијарди години.

„Ова е најдобриот доказ за вода и бранови што сме ги виделе за време на целата мисија“, изјавил Ашвин Васавада од лабораторијата за млазен погон на НАСА.

Кјуриосити претходно пронашол остатоци од солени минерали кои укажуваат дека делови од оваа планета во минатото биле покриени со езера. Сепак, научниците беа изненадени кога пронајдоа таков јасен доказ за поранешното постоење на вода во кратерот Гејл.

„За време на мисијата, се искачивме на многу езерски наслаги, но никогаш не ги видовме толку јасно трагите од брановите. Особено е интересно што ова е област која веројатно е формирана во време кога Марс станувал сè посув“, рекол Васавада.

Кјуриосити ја истражува основата на планината висока пет километри позната како планината Шарп. Таму забележал и остатоци во долината која била однесена од влажните лизгања на земјиштето од планината. „Остатоците од свлечиштето се веројатно најновиот доказ за вода што некогаш ќе го видиме“, изјавил Васавада.

НАСА пишува дека планината Шарп покажува еден вид „временска линија“, каде најстарите слоеви се на дното, а најмладите на врвот. Ова им овозможува на научниците да проучат како Марс еволуирал од планета која била повеќе слична на Земјата во своето далечно минато, со потопла клима и изобилство вода, до ледената пустина каква што е денес“.

 

Scroll to Top