Првиот најавен концерт од споредната програма за 21-вото издание на „Таксират“ е во соработка со Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“. На 10 мај во МКЦ доаѓа Мави Феникс, лоу-фај поп пејачка од Австрија.

Својата музичка кариера ја почнува со пеење, рапување и продукција на само единаесет години и уште од тоа време развива свој уникатен стил на музичка продукција. Нејзината музика го има привлечено вниманието на неколку светски познати брендови или стручници во музиката (како i-D, Nylon, The Line of BestFit, The Fader и COLORS), кои веќе ја имаат повикано да одржи перформанс за нив.

Лани летото Феникс настапуваше на неколку европски фестивали, меѓу кои и на Primavera Sound Festival. Има објавено три ЕП изданија и поголем број синглови, а во родната Австрија има седум номинации за реномираните национални награди Амадеус и ФМ4. Меѓу номинациите кои ги добила на наградите во 2017 и 2018 година, се и: Артист на годината, Алтернативен музичар на годината, Автор на годината и Најдобро студиско издание.

Со песните како „Aventura“, „Yellow“ и „Love Longtime“ стекна повеќе од милиони прегледи на „ЈуТјуб“.