Повеќе од сто филма ќе бидат прикажани на 17. Фестивал на европски филм „Синедејс“ што ќе се одржи од 8 до 18 ноември во кино „Фросина“ и Џебното кино во Младинскиот културен центар, и во кино „Милениум“.

Над 20 наслови се во атрактивната гала-програма со најнови остварувања на Ларс вон Трир, Годар, Сорентино, Павликовски, Спајк Ли, а меѓу нив и The Favorite на Јоргос Лантимос, премиерно прикажан на Венецисакиот филмски фестивал. Тој е специјално на „Синедејс“ пред воопшто да биде пуштен во кино дистрибуција закажана за 2019 година.

Во двете натпреварувачки програми – Официјалната и Програмата на балкански филм Сине Балкан, ќе има вкупно 14 филмови, а за наградите ќе одлучуваат две меѓународни жирија. Меѓу осумте во Официјалната е и победникот од Берлин 2018, „Не допирај ме“.

Ќе има и детска и студентска програма, раната фаза на филмови од Милош Форман и богата музичка програма со девет музички документарци, како и 11 концерти на домашни и странски изведувачи.

Во програмата Кратки филмови ќе има девет од млади македонски режисери чии филмови се прикажуваат на фестивали. Во студентската натпреварувачка програма ќе има 35 филмови од 12 академии од регионот.

Фестивалот ќе биде затворен на 18 ноември во „Милениум“ со македонска премиера, филмот „Хај“ на режисерот Васил Христов.

Билетите во продажба ќе бидат пуштени од денес, а оваа година може да се купат и онлајн преку линковите што се достапни на веб-страницата на МКЦ: www.mkc.mk.