„Еднаш свет изградив“, претставата на Театарот за деца и младинци, вечерва е на редовниот репертоар на театарот од 20 часот. Претставата ја доби наградата „НЕТА“ за најдобра претстава на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.

Текстот „Еднаш свет изградив“ е пишуван по мотиви на романот „Сидарта“ од Херман Хесе. Преку семејна приказна за татко и син кои се среќаваат по долги години, авторот на претставата Јане Спасиќ се обидува да согледа неколку поважни животни фази и да ги разгледа последиците на индивидуалните одлуки. Преку нивниот однос и приказните на таткото се поставуваат повеќе прашања за значењето и последиците од изборите во животот. Дали децата може да избегаат од изборите на своите родители и дали може да направат свои самостојни избори или тие секогаш ќе носат сенка од изборите на своите родители, дали постојат универзални вредности или сите се индивидуални? Дали на животот може да му се даде подолготрајна смисла или секоја животна фаза има свое значење? Дали некое од овие прашања има дефинитивен одговор или засекогаш остануваат отворени?

РЕЖИЈА: Јане Спасиќ
ИГРААТ: Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски, Симона Спировска, Михаел Стојановски