Чаирскиот романтичар Владо Јаневски со голем концерт вчера го одбележа јубилејот 25 години соло кариера. Вечерта ја почна со хитот „Напрај место слатка сестро“, а публиката што го пречека со громогласен аплауз ја разигра и распеа уште со првата песна.

Во арената имаше повеќе жени одошто мажи, а сите тие со Владо ги пееја неговите евергрини, од „Чаир е често досадно место…“, преку „Еден бакнеж и магија се стори“, „Ноќеска нек ме разбие црно тиквешко“ до „Ако не те сакам“. Пред да ја испее „Десет девојки“, на фановите низ смеа им откри дека се забавувал кога неговите внуци му прочитале твит поврзан со оваа песна. 

 

„Ако Владо геј може да си фати десет девојки, можеш и ти“, рече тој, па во еден глас со публиката запеа „Јас сакам десет девојки, на секој прст една од нив“.

Додека се редеа песните, се пожали дека четирите години колку што немал концерт во Скопје биле предолги и посака поскоро сите пак да се сретнат пак на истото место. А освен на фановите, на концертот му беше убаво и на Јаневски. Тој не ги криеше емоциите ни насмевката, па цело време играше, дури и се симна меѓу фановите за да се слика со нив.

Концертот во организација на „Прагма продукција“ го заврши со бис, а ги испеа „Не заборавај да се сетиш на мене“ и последната „Откако си негова“. Публиката го испрати со аплауз, но и со коментар дека трите часа со музиката на Владо Јаневски можеа да траат барем уште малку.

Фото: Д. Перковски