Голем број пријатели и вљубеници во уметноста беа дел од отворањето на четвртата самостојна изложба на уметничката Анжелика Колева, „Танцувајќи низ емоциите“, што се одржува во „Концепт 37“. На изложбата со хуманитарен карактер се собираа средства за Цаци која боледува од рак.

„Не ми носете цвеќе ни слатки. Парите што сте планирале да ги дадете за подарок, oставете ги во кутијата на влезот на кафулето, а тие ќе бидат донирани во хуманитарни цели за Цаци“, рече Анжелика за „Репортер“ на отворањето.

Анжелика Колева со семејството

На изложбата Колева претстави 40 дела на платно и грамофонски плочи, кои се нејзин заштитен знак.

„Повеќето дела се сликани со разлевање бои и со прсти. На овој начин најубаво ја доловувам суштината на тоа што сакам да го пренесам, емоциите што ги носам во себе“, ни раскажа Анжелика.

Таа додаде дека нејзина инспирација е жената, но дека идеите често ги црпи од семејството.

Изложбата ќе биде отворена до четврток, 23 ноември.

Фото: С. Новески