Еден од најпопуларните и најуспешни македонски бендови „Суперхикс“ на 3 март ќе одбележи 25 години од својот прв настап, со концерт во Младински културен центар во Скопје. Картите по цена од 300 денари денеска се пуштени во продажба и нивниот број е строго ограничен.

„Најголемите хитови, полна бина гости, специјален амбиент и двочасовно лудило за првата 25-ка. Ветуваме дека ќе продолжиме и по 27-мата“, најавува бендот.

„Суперхикс“ се формирани како тричлен состав во 1993 година и првиот настап го имаа во легендарниот скопски клуб „Дорс“ токму на 3 март во 1994. Вистинскиот подем на групата почнува со проширувањето на поставата со дувачка секција, проследено со издавањето на првиот албум во 2001 година. Ова ќе биде и нивно враќање во МКЦ по цели 14 години.

 

Во исто време, „Суперхикс“ најавуваат дека деновиве ќе објават и нов сингл.