Влатко Лозаноски вечерва првпат одржува голем солистички концерт. Малку со трема, малку свој, како и да е, публиката го дочека како вистинска ѕвезда. Со громогласен аплауз, во полната ВИП арена „Борис Трајковски“,  Лозано ја запеа  “Километри”, песната која е негов хит со над 5 милиони прегледи на Јутјуб. Присутните со кренати телефони и во еден глас ги пеат стиховите, па Лозано ја остави публиката да пее наместо него. Уште на првата песна ја доби поддршката, па така некако и ја надмина тремата, која сепак по малку се чувствува во воздухот.

Ечи аплауз уште на првата песна и нема простор за поздрав, оти по “Километри” , следеше “Како тебе нема друга”. И тргна забавата. Лозано има концерт на кој се редат хитови – “Жена како ти”  за загревање, „Јако Јако“, „Ова лето ќе се памти“, „Мајко“,  стари, нови песни. Концертна забава за сите.

“Драго ми е  што конечно се случи ова овде во арената. Пушти ги твоите чеда нека пеат, нека се растрчаат тука на бината, ми рекоа блиските пријатели.  Тие мислеа на моите песни. Одиме, со вас поубав е денот”, рече Лозано.

Во публиката има многу деца, кои кренати во раце пеат со Влатко, возрасните наздравуваат со чаша пиво, а вљубените си ги посветуваат песните. Најважно, сите се забавуваат.

Влатко се пожали дека не е целосно опуштен на сцената, па публиката со телефони и светилки му направи ѕвездено небо за да го поддржи. По Влатко, настап имаа и „Некст тајм“, кои направија вистинска фешта. Во публиката поддршка беа поп -ѕвездата Каролина Гочева и актерката Весна Петрушевска. Лозано има одличен концерт.  Организатори се „Авалон продукција“.

К. Ландов

Фото: Д. Перковски