Џез вокалистот Џон Илија Апелгрен и џез-пијанистот Гордан Спасовски, ги канат љубителите на добрата музика на концертот насловен „Midnight conversation“, што ќе се одржи на 22 декември во Камерната сала на Македонската филхармонија во 20 часот.

„Апелгрен и Спасовски, во очи на новогодишните празници, ќе приредат интимен, тивок перформанс кога ќе прозвучат најубавите композиции од светската џез-литература. Концертот со пијано и глас, ќе донесе комплексна, но атрактивна и пријатна музика која ќе направи магија за сетилата и ќе ја разбуди имагинацијата“, најавуваат од Македонската филхармонија.

Џон Илија Апелгрен се смета за еден од најдобрите џез-вокалисти во регионот, со зад себе импресивна кариера на многубројни настапи како солист и со разновидни оркестри и ансамбли, студиски албуми и настапи на фестивали и концерти надвор од земјава. Гордан Спасовски, пак, е пијанист од помладата генерација на џез-музичари во Македонија.