На 18 ноември (недела) во Македонската опера и балет во 11 часот, ќе биде изведена една од најпопуларните оркестарски бајки за деца, „Петре и волкот“ од рускиот композитор Сергеј Прокофјев. Под диригентство на Ангел Спироски, свитата ќе ја изведе ансамбл „КонТемпора“, а децата низ приказната ќе ги води актерот Дејан Лилиќ, кој ќе биде во улога на наратор.

Приказната го следи младиот Петре кој поминува некое време во шумската куќа на својот дедо. Еден ден тој несакајќи ќе ја остави вратата од дворот отворена, и покрај тоа што дедото ќе го предупреди да не го прави тоа, бидејќи во шумата живее опасен волк. Петре во тоа нема да верува, но кога навистина ќе се појави волкот, тогаш почнува неговата авантура.

Концертот е во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, а билетите по цена од 150 денари се продаваат на билетарницата на МОБ или онлајн на веб-страницата на Купи карти за се.