Во рамките на годинашниот „Синедејс“, а по повод 60 години од раѓањето на Милан Младеновиќ (1958) на 16 ноември во МКЦ ќе се одржи мултимедијална програма „Сеќавање на Милан и ЕКВ“. Концерт ќе одржи проект бендот „Деца из воде“ со специјалниот гостин Срѓан Жика Тодоровиќ, оригинален тапанар во „ЕКВ“, кој ќе свири во Скопје по 20 години. Пред концертот во Дансинг сала МКЦ ќе се прикаже филмот „Дечак из воде“, краток филм снимен во 2014 година за животот и кариерата на Милан Младеновиќ.

Жика Тодоровиќ, популарниот српски глумец, беше член на бендот од 1987 до 1990 година и со „ЕКВ“ сними два албума – „Љубав“ и „Само пар година за нас“. Пред „ЕКВ“ Жика свирел во „Дисциплина кичме“ и во неколку белградски бендови, а потоа соработувал со „Партибрејкерс“, „Електрични оргазам“ и други.

„Деца из воде“ е ЕКВ проект бенд создаден пред три години во Белград со идеја концертно да го одбележи сеќавањето на Милан Младеновиќ, ЕКВ и нивниот музички опус.

Билети во претпродажба се по цена од 250 денари преку продажната мрежа на „Мк Тикетс“ и на билетарницата на МКЦ. На денот на концертот, цена на билет ќе изнесува 350 денари.