Преку 1000 учесници од 22 земји од денес до петок ќе се натпреваруваат во спортскиот центар „Јане Сандански“ на Европско првенство во Street Dance Show 2018 и на два светски купови – во диско денс и хип-хоп. Викендов (10 и 11 ноември) ќе се одржи Интернационален танцов натпревар Dance off со над 3100 натпреварувачи, а најдобрите ќе се натпреваруваат на гала вечерта што ќе се одржи во МОБ во недела.

Во сабота на програмата се хип-хоп, диско, брејк-денс танци, а во недела ќе се одржи латино шоу и танци во двојки. Во недела во Македонската опера и балет ќе се одржат натпревари во класичен балет, модерен балет, џез денс и слично. Концертот во МОБ е од 21 часот.

Сите натпревари почнуваат во 9 наутро и траат до доцна попладне, а целодневна влезница чини 150 денари. Организатори на овие танц натпревари се танцовите клубови  БРЕЈК А ЛЕГ (Break a Leg) и ИТ ДА БИТ (Eat the Beat). Овие два клуба на вчерашната прес-конференција открија дека во декември 2020 година ќе го организираат Светско првенство во латино шоу и синхро денс.