Годинашното издание на „Скопската недела на дизајн“ ќе се одржи од 21 до 25 ноември во „Јавна соба“ и „Лукс“, а земја во фокус е Германија. Годинава ќе има изложба на 12 врвни дизајн студија, отворени презентации на дизајнерите, посета на производни компании и соработка со производни компании од Македонија кои сакаат да настапат на германскиот пазар.

Главната компонента во програмскиот дел на „Скопската недела на дизајн“ ќе биде фокусирана кон она што значи да се биде дел од светскиот пазар, претставувајќи се на најголемот саем за мебел во светот ИММ Келн.

Младите дизајнери ќе можат да се испробаат и да „купат“ знаење преку работилница за дизајн на производи за млади дизајнери под менторство на Инеке Ханс, продукт дизајнер и професор на академијата за дизајн од Берлин.

Во ЕКСПО секцијата, младите дизајнери од Македонија и регионот традиционално изложуваат сопствени производи и се во потрага по производители со кои ќе реалзираат соработка за нивните иновативни решенија да влезат во сериско производство.

Составен дел на викенд програмата се детските работилници кои се работени со посебно внимание со цел преку нивната креативност и чистина да се дојде до совршени решенија за производ или услуга и да се разбуди кретивноста од најрана возраст.

Храната е неизбежниот концепт кој секоја година добива ново ниво на вкусови, нови идеи и начини на презентација. Марк Де Јонг, во рамките на гастрономскиот корнер ќе води тридневно гастрономско шоу, каде ќе гостуваат познати личности од културно урбаната сцена. Секој нивен заеднички перформанс ќе резултира со дегустација на подготвените јадења.

Музичката програма како финиш на секоја вечер, ќе понуди премиерни настапи на голем број на бендови и DJ-и од регионот. Работното време е секој ден од 21 до 25 ноември од 09:00 до 01:00. Влезот е бесплатен за сите посетители.