Српскиот пејач Саша Ковачевиќ вчера направи концерт за паметење во Скопје. Публиката ја загреа со своите најголеми хитови, а концертот го заврши со песни од Тоше. Вели, ги избрал омилените, што ги пее на секој концерт каде и да оди, зашто Тоше за него е најголемиот пејач на овие простори.

Потоа,  во стилот на светската ѕвезда Енрике Иглесијас, вчера среде концертот во Скопје, одбра обожавателка од првите редови, ја качи на сцената и заигра танго со неа. Популарниот пејач ѝ пееше и на неа, но и на публиката во ВИП арената, па ги фрли во романтика дамите во Скопје.

Вчерашниот концерт на Саша почна со ѕвездено небо од мобилните. А миленикот на публиката уште кога излезе на сцената најави луда журка. Цела арена стана на нозе. Вриеше од емоции и се пееше до бесвест – балади, брзи песни, постари и понови хитови, песните од Тоше и Оливер што Саша ги избра за одлична атмосфера. Дамите врескаа и мрдаа со колковите, пееја заедно со Саша. Еуфорија, илјадници жени уживаа со него, вљубените разменуваат бакнежи, друштвата наздравуваа.

Телефоните не престануваат да светкаат, се снимаше секоја омилена песна, се пренесуваше еуфоричната атмосфера од концертот за сите оние што не беа таму. А српскиот пејач пееше од срце, па се заблагодаруваше на македонски.

Загравање на концертот беа „Балкан бенд“, специјални гости му беа пинковите ѕвездички Љуба и Милица Станковиќ, а организатори „Балкан медија“.

Текст и фото: Редакција „Репортер“