Асанж го избриша профилот на „Фејсбук“

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж на „Твитер“ објави дека го избришал својот профил на „Фејсбук“. Тој во пораката го обвини Марк Цукерберг дека е „мегаломанијак“.

„Штотуку го избришав својот профил на ‘Фејсбук’. Всушност никогаш не го ни користев. Пријатели не ги уфрлуваат своите пријатели во огромната база на разузнувачки податоци што ги контролира мегаломанијакот кој своите корисници ги нарекува глупаци“, стои во пораката на Асанж.

Асанж објави и слика од преписка меѓу Цукерберг и негов неименуван пријател, во која основачот на „Фејсбук“ вели дека ако треба, на пријателот може да му обезбеди преку 4.000 пораки, фотографии и и-мејл адреси на која било личност од Харвард. Во преписката човекот го прашува Цукерберг како успеал да ги обезбеди сите тие податоци, а тој му одговара дека „луѓето едноставно му ги доставиле“.

„Немам поим зошто. Тие едноставно ми веруваат. Глупаци“, стои во одговорот на Цукерберг. Годината на преписката е 2004 година.

Оваа преписка се појави уште во мај 2010 година, по што Цукерберг за „Бизнис инсајдер“ призна дека е веродостојна, но додаде дека „од тогаш пораснал и се променил“.

Претходно и американскиот милијардер Илон Маск ги избриша официјалните профили на „Тесла Моторс“ и „СпејсХ“ од „Фејсбук’, кои заедно имаа над два и пол милиони пријатели.

„Фејсбук“ беше јавно критикуван откако беше објавено дека социјалната мрежа на компанијата „Кембриџ аналитика“ ѝ доставила податоци на 50 милиони нејзини корисници без нивно знаење и одобрение. „Кембриџ аналитика“ работела за потребите на изборната кампања на американскиот претседател Доналд Трамп во 2016 година.

По избувнувањато на скандалот, берзанската вредност на компанијата „Фејсбук“ се намали за над 58 милиајрди долари.

 

Scroll to Top