Азерјбеџан со кавијар и многу пари го подмитил Советот на Европа

Пратениците од Парламентарната група во Советот во Европа, во која има и германски политичари, наводно од Азербејџан добиле мито, поточно големи суми пари, но и кавијар, скапи часовници и теписи.

Постојат силни сомненија дека повеќе сегашни и поранешни членови на Парламентарната група од Советот на Европа, кои всушност требало да се борат и против корупцијата, примале мито во облик на пари и подароци со цел да лобираат во корист на Азербејџан.

Тоа го пишува во обемниот извештај на 200 страници претставен во Стразбур, со седиште во Советот на Европа. Извештајот го правеле тројца независни експерти, двајца поранешни судии од Европскиот суд за човекови права, Николас Браца и Елизабет Фура, и еден од најпознатите истражни судии во Франција, Жан Луј Бругије.

Во извештајот тешко се товари поранешниот пратеник од Будестагот Едуард Линтнер од редовите на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), кој од 1999 до 2010 година е член на Парламентарната група на Советот за Европа: Линтнер бил и „клучен лобист“ на Азербејџан. Во периодот меѓу 2012 година и 2014 година тој наводно преку три фиктивни фирми со седиште во Велика Британија примил вкупно 820.000 евра.

Тој во медиумите изјавил дека парите ги добил од невладината организација Асоцијација за развој на цивилното друштво во Азербејџан.

Во фокусот на истражителите е и пратеничката од Бундестагот Карин Штренц од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) за која се претпоставува дека исто така ги заобиколила законите и примала пари од Каспирското Море. Неа ја обвинуваат дека го прекршила кодексот на однесување со тоа што го премолчела судирот на интереси, пред да учествува во набљудувачката мисија на изборите во Азербејџан.

Штренц работела за консултантската фирма на Линтнер Line M-Trade, која за парите кои ги добила лобирала за Азербејџан. Додека била во Стразбур оваа политичарка, која во меѓувреме излегла од Парламентарната група на Советот во Европа, значително се залагала за Азербејџан.

Авторите на студиите во Стразбур изјавиле дека и покрај бројните повици, Линтнер и Штренц одбиле лично да се изјаснат за обвинувањата на нивна сметка.

Молчел и италијанскиот христијански демократ Лук Волонт, кој е клучна фигура во аферата. Државното обвинителство во Милано на крајот на 2016 година покренало истрага против него на основа на обвинувањата за корупција и перење  пари и на тој начин на виделина излегол целиот скандал во Советот на Европа. Се работи за мито кое доаѓало од Азербејџан, во износ од речиси 2,4 милиони евра. Тие пари стигнале по ист пат како и митото на Линтнер.

Цел бил и поранешниот претседател на Парламентарната група на Советот на Европа, Педро Аграмунт. Постојат значителни сомнежи дека тој бил вклучен во корупцијата.

Според истражителите, пред влезот во Советот во Европа во 2001 година, поранешната советска република богата со нафта создала вистинска мрежа на симпатизери. Меѓу останатото и благодарение на големите подароци. Станува збор за кавијар, скапи часовници, теписи, но и престојувања во луксузни хотели. На тој начин автократската земја Азербејџан успеала да ги спречи критичките извештаи за изборите и состојбата за човекови права.

Во Советот на Европа има вкупно 47 земји, вклучувајќи ги сите земји од ЕУ, но и земјите како што се Русија и Турција. Парламентарната група во Советот на Европа се состанува неколкупати годишно, а меѓу останатото има право да испраќа и набљудувачки мисии на изборите.

 

 

 

 

Scroll to Top