Бил Гејтс дава пари за да спаси животи, а го обвинуваат дека убива луѓе

Милијардерот Бил Гејтс во интервју за „Блумберг“ повторно се пожали и ги критикуваше теоретичарите на заговор, велејќи дека додека тој дава пари за да спаси животи, тие, како и сите  противници на вакцината против корона, го обвинуваат дека убива луѓе.

Неговата фондација вети повеќе од 350 милиони долари за борба против Ковид-19 и пари за производство на вакцината. Противниците на вакцината и другите теоретичари на заговор го клеветат Гејтс дека го подметнал вирусот заради неговите зли намери.

Тој, пак, возвраќа дека луѓето ќе сфатат дека теориите се само теории и дека ќе го победат вирусот, пишува „Блумберг“.

На прашањето дали е сигурен дека ефикасна вакцина ќе биде дистрибуирана во светот до крајот на оваа година, тој изјавил дека иницијалната вакцина нема да биде идеално ефикасна.

„Можеби нема да потрае долго и ќе биде главно користена во богатите земји, како мерка за спречување на заразата. Би биле среќни кога би ја имале вакцината пред крајот на годината, но наредната година веројатно ќе бидат одобрени бројни вакцини“, изјавил тој.

Прашан дали вакцинацијата против Ковид-19  треба да биде задолжителна, Гејтс вели дека пропишувањето задолжителна вакцина често предизвикува повратна реакција, но смета дека ќе биде задолжителна за оние кои работат во домовите за стари или се во контакт со постари лица.

Замолен да ги коментира теориите на заговор дека тој ја истражува вакцината за да го контролира човечкиот мозок со помош на 5Г-радиобранови и слично, Гејтс вели дека тоа е чудно.

„Тие го земаат предвид фактот дека сум вклучен во развој на вакцината и потоа тоа го извртуваат, па наместо да давам пари за да спасам животи, излегува дека заработувам со тоа што одземам животи. Ако тоа луѓето ги одврати од вакцинацијата, тоа ќе биде голем проблем“, вели Гејтс.

Scroll to Top