Дванаесет деца и фудбалски тренер се загубиле во пештера

Нуркачи од Тајланд веќе десет дена се во потрага по 12 деца и нивниот тренер по фудбал кои исчезнале во пештера пред повеќе од една недела.

Специјалните единици во Тајланд на својот фејсбук-профил напишале дека во моментов се наоѓаат до една кривина во пештерата чиј премин e долг еден километар и се дели во два правци.

Целта на нуркачите била да стигнат до песочната комора на повисок терен, каде што веруваат дека момчињата и тренерот успеале да стигнат и да се спасат од надојдената вода. Спасувачките тимови се обидуваат да го прочистат преминот за нуркачите што се наоѓа длабоко внатре во поплавената пештера.

„Единицата Фоки стигна до мала дупка која мора да ја прошири за да продолжи понатаму“, изјавил денеска официјален претставник на единицата за новинарите.

Момчињата се на возраст од 11 до 16 години, а со својот 25-годишен тренер влегле во пештерата на 23 јуни по тренингот со цел да се тргнат од дождот. Обилните врнежи го поплавиле влезот, а тие биле заробени внатре. Нивните велосипеди, патики и ранци биле пронајдени пред пештерата.

Покрај нуркачите, спасувачките тимови работат на испумпување на водата и пренасочување на подземните води.

Во потрагата, покрај специјалните единици од Тајланд, вклучени се и британски и американски експерти за нуркање.

Властите се надеваат дека тие пронашле суво место во пештерата и дека се живи. Нивните школски другари се молат за нивниот живот.

Scroll to Top