Хитлер никогаш не би дошол на власт ако Британците успеале да го ликвидираат Вилхелм II

Досега необјавени докази откриваат дека во последната година од Првата светска војна Британија се обидела да го убие германскиот цар Вилхелм II.

Доказите во голема мера се однесуваат на необјавена документација што се наоѓа во архивата на музејот RAF, како и документи кои се наоѓаат во приватна архива во Франција. Ваквите документи покажуваат дека пред 100 години ескадрила со 12 бомбардери полетала со цел да бомбардира француски замок, кој, како што откриваат известувачките податоци, го користел германскиот цар Вилхелм II како штаб за надгледување на операциите на западниот фронт.

Приказната почнува на крајот на март 1918 година, кога германската војска ја почнала својата прва серија големи офанзиви против сојузниците.

Масовните напади на почетокот биле успешни, но, сепак, некои германски војници биле заробени од страна на сојузниците. Некои од овие германски војници биле испитувани од француските известувачки служби, а еден од нив им открил на своите истражители дека германскиот цар стигнал во замокот веднаш над малото француско село Трелон, неколку километри од белгиската граница.

Случајно, еден од преведувачите на известувачкото одделение во штабот на францускиот генерал Филип Петен бил сопственик на тој замок. На средината на април 1918 година почнало детално сослушување на германскиот заробеник и со користење на постоечките информации се проверувало тоа што Германецот го откривал.

Германските извори покажуваат дека Вилхелм престојувал таму најмалку во три наврати, од 21 март до 2 април, од 5 април до 15 април, од средината на мај до 1 јуни, а можеби и од 26 април до 1 мај.

Во исто време кога сојузниците откриле прецизна локација на Вилхелм и, што е уште поважно, сфатиле дека е на дострел на бомбардерите, германската пролетна офанзива им задала страшен удар на британските и француските сили. Германците успеале да ги потиснат сојузниците на повеќе од 65 километри.

Но, непознато за британската известувачка служба било дека истите германски воени успеси кои веројатно создале можност за убиство на Кајзер Вилхелм довеле до тоа тој да го напушти замокот за да им честита на своите генерали на фронтот. Како резултат на тоа, Вилхелм го напуштил замокот  19 часа пред ударот на РАФ.

Дополнително, Британците го бомбардирале замокот  од голема висина, па штетата на зградата била минимална. Британските авиони го нападнале приватниот воз на Вилхелм, но царот не бил во него.

 

Scroll to Top