Милијардер предупредува за најбрилијантната измама со биткоин

Цел свет зборува за криптовалути, но и понатаму има голем број луѓе кои сметаат дека сето тоа е една голема измама.

Еден од нив е и милијардерот Пол Сингер, кој ги предупредува своите клиенти да се држат подалеку од биткоините и другите криптовалути.

Сингер, кој стои зад „Елиот менаџмент“, фондот вреден три милијарди долари, во писмо до своите клиенти бара да користат акроним WTHIT (на англиски What the hell is this, што во превод значи „Што е ова поѓаволите“) како синоним за криптовалутите.

„Стравот од тоа дека нешто ќе пропуштиме го помогна растот на WTHIT. Во иднина криптовалутите ќе бидат опишувани како најбрилијантна измама во историјата“, се наведува во соопштението на фондот. Во писмото е објаснето што не е во ред со криптовалутите.

„Сите им се смеевме на примитивните племиња што користеле камења или свињи како валути. Па, смејте се колку што сакате, но каменот или здравата свиња се нешто реално. Криптовалутите се ништо освен маркетиншка моќ на изумителите, финансиерите и другите кои ја сакаат идејата за купување на црната кутија (која очигледно е празна) по цената на автомобил ‘киа’ и сонуваат дека таа ќе се претвори во ‘мерцедес’. Тоа не е само меур. Тоа не е само измама. Се работи за можеби надворешна граница, за ултимативна способност на луѓето да го фатат ветерот и да се надеваат дека ќе го јаваат до ѕвездите“, пишува во писмото.

Не е првпат  Фонд и Пол Сингер да ги критикуваат криптовалутите. Уште во 2013 година почнале со критиките, но вредноста на криптовалутите од тогаш драстично пораснала.

Фондот во писмото го цитира капиталистот Авиј Теванијан, кој рекол дека „знаеме дека ќе создадеме 21 милиони биткоини“.

Според „Елиот менаџмент“, тоа не е така затоа што софтверите што ги поддржуваат криптовалутите можат да доведат до создавање голема количина криптовалути во процесот наречен „форкинг“.

„Биткоин и неговите роднини се во суштина апсолутно и целосно ништо, не постои ограничување за биткоин освен надворешните граници на човековата лудост“, се наведува во соопштението.

 

Scroll to Top