Новинар на „Би-би-си“ тврди: Дајана беше извор на сите лаги во кралското семејство

Новинарот Мартин Башир ја обвини поранешната принцеза Дајана дека таа евиновна за лагите изнесени во контроверзното интервју од пред 26 години. Тој вели дека не е виновен за лажните информации кои тој ги добил од принцезата Дајана и дека таа била извор на сите лаги во кралското семејство, пишува „Мирор“.

Случајот Башир стана повторно актуелен во британската јавност, откако тој беше обвинет дека користел незаконски методи уште во обидот да ја наговори Дајана да го направат тоа интервју.

Во интервјуто таа му открила како принцот Чарлс уште од првиот ден во бракот, ја изневерувал со Камила Паркер и нивната дадилка. Меѓу другото, Башир дознал дека кралицата имала срцеви проблеми и дека нејзиниот син Едвард се лечи од сида.

Башир исто така дознал лажни информации за тоа и како на тогаш 13 годишниот Вилијам, му бил подарен рачен часовник на кој имало монтирана скриена камера.

Деновиве медиумите излегоа и со документи во кои Башир се брани дека сите тие информации ги ширела Дајана. Наводно, тие документи излегле во јавноста по интерната истрага која овие денови ја спроведе „Би-би-си“.

Се огласи и нејзиниот брат, грофот Спенсер, кој тврди дека Дајана е невина и дека Башир е тој кој дошол до лажните податоци за кралското семејство, а како доказ покажал и белешки кои ги напишал за време на состанокот кои го имал со него и принцезата, пред интервјуто.

Обвинувања на сметка на Башар дојдоа и од поранешниот графичар во „Би-би-си“, Мет Вислер, кој добил отказ откако се дознало дека тој е автор на документите кои Башир ги користел за да ја уценува Дајана за да му даде интервју.

Деновиве тој во едно телевизиско обраќање, објаснил како се случила целата работа.

„Башар ме замоли за една услуга. Ми рече дека се подготвува за интервју со Дајана и дека му се потребни банковни сметки, кои не можел да ги добие. Сакаше да направам слични такви документи. Го замолив да ми ги скицира за да видам како изгледаат, а тој ми одговори дека не може да го стори тоа. Наивно му поверував и му ги направив документите, а две недели по интервјуто, пред вратите ми се појавија куп новинари кои ме обвинија за фалсификување на банкарски изводи. Кога беше спроведена истрагата, Башир целиот товар го префрли на мене и тогаш сватив дека не сакаше да ја каже вистината. „Би-би-си“ го заташка случајот и го спаси Башир, а јас бев жртвено јагне“, изјавил Вислер.

Иако се зборуваше дека истрага ќе спроведе и Скотланд Јард, нивниот портпарол тоа го негирал. Башир не сакал деновиве да се огласи по овој случај, но потврдил дека покојната принцеза е одговорна за лагите во интервјуто, пренесува „Мирор“.

 

Scroll to Top