Смртта на астронаутите кои живи изгореле во капсулата резултирала со бројни теории на заговор

Слетувањето на Месечината е нешто што до денес ја фасцинира јавноста. Американците во 1969 година ја добија вселенската трка со Русите и влегоа во историјата. Но, сепак, постојат луѓе кои овој успех го оспоруваат, истакнувајќи дека наводно тоа никогаш не се случило. Околу ова прашање кружат со години бројни теории на заговор. Тоа што фрла сенка е смртта на тројцата астронаути само две години пред големиот успех. Тие биле дел од мисијата „Аполо 1“ и трагично настрадале во пожар на работното место.

Американците вложиле големи средства за да го изведат слетувањето на Месечината. Првиот екипаж се формирал во 1966 година. Вирџил Грисом Грисом, Едвард Вајт и Роџер Чафи биле одредени за оваа цел. НАСА имала и екипаж кој можел да ги замени во секој момент, а именувани се и два екипажа за втората мисија на „Аполо“.

Астронаутите требало да ги проверат сите системи на командниот сервисен модел и да извршат девет научни експерименти. Шефот на астронаутите сметал дека ќе нема доволно време екипажот во целост да се подготви за слетувањето, кое требало да биде изведено во рок од неколку месеци. Одлучено е првиот „Аполо“ со човечки екипаж да се лансира во вселената на 21 февруари 1967 година.

Работите станувале поинтензивни. Многумина биле незадоволни од состојбата на капсулата. Односите меѓу некои менаџери од НАСА и компаниите со кои соработувала агенцијата биле оптоварени со конфликти уште во раната фаза. Нервозни биле и астронаутите.

СМРТТА НА АСТРОНАУТИТЕ

На 27 јануари 1967 година се случила вистинска трагедија во која тројца астронаути се задушиле во капсулата од отровни гасови. Причина за смртта биле токсичните гасови, пред сè јаглен моноксид. Топлотните ефекти се оценети како придружи причини за смртта. На шефот на лекарскиот тим не му бил дозволен пристап кога била правена аутопсијата. Тој подоцна изјавил дека на телата на астронаутите имало изгореници од втор и трет степен, па тоа не можело да биде причина за смртта.

Вирџил Грисом и Роџер Чафи се погребени со најголеми воени почести на Националните гробишта во Арлингтон, на брегот на реката Потомак во Вашингтон. Уште додека телата на несреќните астронаути биле во кабината, била покрената истрага, чија цел било да се расветлат сите детали од трагедијата. Секое делче од кабината било истражено. Прегледани се илјадници изгорени парчиња од кабината, направени се 32 000 фотографии, сослушани се стотина сведоци. Резултатите од истрагата биле запишани на 3000 страници. Во април 1967 година истрагата е предадена на администраторот на НАСА, Џејмс Веб. Дефектот се појавил на местото каде што биле преплетени каблите. Изолацијата попуштила, дошло до краток спој и загревање. Комисијата ја опишала несреќата во три фази. Во првата, која траела 15 секунди, пламенот се раширил од левата страна на Грисом, потоа го зафатил најлонскиот покрив и жиците во подот. Ги стопил шрафовите на цевките за довод на кислород во скафандерите. Жешките отровни гасови минале во кацигите на несреќните астронаути. Притисокот во кабината двојно се зголемил. Втората фаза траела пет секунди. Топлината пораснала и дошло до прекин на сите цевки за довод на кислород. Системот за одржување во живот во кабината каде што имало кислород само дополнително го забрзал пламенот. Набрзо потоа изгорело сè. Во третата фаза огнот почнал да слабее. Кабината за 24 секунди по појавата на оганот целосно била исполнета со отровни гасови. Астронаутите немале шанса да преживеат. Сите други мисии во следните 20 месеци биле суспендирани. Оваа приказна кај тероретичарите на заговор разбудила сомнеж дека слетувањето на Месечината никогаш се нема случено. Покрај оваа приказна, веќе некое време кружат бројни теории на заговор дека наводно истата има политичка позадина.

ТЕОРИИТЕ НА ЗАГОВОР ЗА СЛЕТУВАЊЕ НА МЕСЕЧИНАТА

Некои тврдат дека некои или сите делови од програмата на „Аполо“ за слетувањето на Месечината се измама што ја извеле НАСА и членови на други организации. Ова тврдење се појавило  уште на крајот на 1970 година. Најзначајно е тврдењето дека шесте слетувања со човечки екипаж, од периодот од 1969 до 1972 година, биле лажирани. НАСА намерно ја измамила јавноста убедувајќи ги луѓето дека слетувањето се случило. Заговорниците тврдат дека тоа го извеле преку измислици, манипулации или уништување  докази, како што се фотографии, ленти со телеметриски податоци, преноси, примероци од камења или некои клучни сведоци.

Тие наведуваат дека има неколку причини зошто американската влада би имала корист од ваквото лажирање. Експертите тоа го оспоруваат тврдејќи дека е невозможно да се чува толкава лага од јавноста затоа што повеќе од 400 000 луѓе работеле на програмата „Аполо“ речиси 10 години.

  1. Демонстрација на моќ

Во периодот од 1950 до 1960 година траела трката меѓу САД и Советскиот Сојуз. САД сакале да бидат први во оваа трка. Русите го испратиле вештачкиот сателит (Спутник 1) и првиот човек во вселената (Јуриј Гагарин). САД сакале барем да бидат први во трката со испраќање човек на Месечината. НАСА била под огромен притисок. САД тогаш немале техничка можност да лансираат човек на Месечината, па морале да ја лажираат целата работа за се прикажат како помоќни и посупериорни во одност на СССР.

  1. Свртување на вниманието од Виетнам

Според овој аргумент, целата мисија на „Аполо 11“ требало да го сврти вниманието на јавноста од случувањата во војната во Виетнам. Но, тука се занемарува фактот дека инцидентот во Тонкинскиот Залив се одиграл дури во 1964 година, три години по говорот на Кенеди.

  1. Осигурување на буџетот

Според овој аргумент, НАСА се плашела дека владата би можела да го укине нејзиниот буџет од 30 милијарди долари ако проектот не ги оствари посакуваните резултати. Пред крајот на 1960 година, одлучиле да го подготват и да го емитуваат лажното слетување на Месечината, што го снимиле во студио на Земјата. Според овој концепт, владата не ја измамила јавноста туку НАСА ја измамила владата.

 

 

Scroll to Top