ЦИА потрошила милиони долари за да го собори од власт Слободан Милошевиќ

By

Централната известувачка агенција ЦИА потрошила милиони долари за да го собори Слободан Милошевиќ, сведочат денес одделни американски официјални претставници. За помош во соборувањето на некогашниот претседател на Југославија биле слеани речиси 40 милиони долари.

dobivaj vesti na viber

Во целата приказна била вклучена и американската администрација, која заедно со ЦИА и тогаш опозицијата во Југославија, со сите сили работеле на тоа на Милошевиќ да му дојде крајот, нешто што на 5 октомври 2000 година и навистина се случи.

Во текстот на Дејвид Шајмер објавен во „Форин аферс“, кој се занимава со вмешаноста на американската известувачка агенција ЦИА, во изборите опишани се сите детали и сведоштва на одделни официјални лица од агенцијата за тоа како и на кој начин тогаш се работело.

Опишани се сите цели и начинот на кој беше соборен Слободан Милошевиќ. Во текстот авторот наведува дека Леон Панет, шефот на кабинетот на Клинтон, од 1994 до 1997 година, изјавил дека Милошевиќ е виден како негативец со лошо влијание.

Тој го опишал Милошевиќ како човек што тој дел од светот би можел да го сврти наопаку доколку не се преземат конкретни чекори во врска со тоа.

Изборите во 2000 година биле можност за такво нешто.

„Не знам дали јавно имаме кажано дека нашата цел е промена на режимот“, изјавил Џејмс Обрајан, тогаш специјален пратеник на Бил Клинтон за Балканот, со објаснение дека тие не виделе никакви чекори оти Милошевиќ би можел да води нормална земја.

„Форин аферс“ наведува дека од средината на 1999 година, па сè до крајот на 2000 година, и јавните и приватните американски организации потрошиле речиси 40 милиони долари на разни програми во Србија поддржувајќи ја не само опозицијата на Милошевиќ туку и независните медиуми, граѓанските организации и иницијативи, кои повикале на гласање.

„Преку овој отворен ангажман САД имале цел да изградат изборно игралиште во кое Милошевиќ бил подготвен да манипулира“, објаснил Обрајан.

Исто така, наведено е дека Стејт департментот, УСАИД и невладините организаци, кои ги финансира Америка, тоа го правеле јавно, а дека ЦИА работела во тајност.

Авторот на текстот наведува дека и Џон Сајфер, кој своевремено работел како оперативен офицер во ЦИА, изјавил дека во периодот меѓу 1991 година и 2014 година знаел само за една успешна операција на мешање на овие организции во изборите во Србија во 2000 година.

„Тоа беа тајни напори за обид за поддршка да му се спротивставиме на Милошевиќ“, изјавил Сајфер објаснувајќи дека ЦИА, откако Клинтон ги известил избраните членови на Конгресот, ги поддржувала и финансирала одредени кандидати на опозицијата.

Сајфер, кој станал шеф на ЦИА во Србија, непосредно по изборите објаснил дека агенцијата дала сигурно неколку милиони долари во кампањата против Милошевиќ главно состанувајќи се со клучните лидери на српската опозиција надвор од границите на земјата и давајќи ѝ готовина на самото место.

Во едно од интервјуата Клинтон потврдил дека ја овластил ЦИА да се вмеша во изборите во 2000 година во корист на противниците на Милошевиќ.

„Немав проблем со тоа затоа што Милошевиќ беше ладнокрвен убиец, кој предизвика смрт на стотина илјади луѓе“, изјавил Клинтон за тајното дејствување на ЦИА.

„Како што американските претседатели во времето на студената војна верувале дека може да ги засилат страните на демократијата поткупувајќи ги комунистичките кандидати, и Клинтон верувал дека може да ја засили српската демократија работејќи против Милошевиќ“, е наведено во текстот.

Исто така, наведено е дека Клинтон му кажал на Милошевиќ дека е воен злосторник, како и дека не го сметал за кандидат за демократија, туку дека ќе се обиде да се ослободи од него. „Форин аферс“ пишува дека ЦИА во Србија се фокусирала на влијание на умот, а не на менување на гласачките ливчиња.

„Не ги лажевме свесно избирачите за да ги натераме да ги поддржат луѓето за кои се надевавме дека ќе победат“, објаснил Клинтон.

Наместо тоа, ЦИА даваше пари и друг вид помош на опозиционата кампања. Лидерите на Конгресот знаеја и го поддржуваа овој таен план. Трент Лот, лидерот на мнозинството во Сенатот, потсетува дека операцијата на ЦИА свесно ја поддржал.

„Милошевиќ бил целосно надвор од контрола. Немаше да упаднеме, но беше неред и моравме нешто да направиме“, изјавил Лот.

Службениците на ЦИА, за разлика од другите владини официјални лица во САД, можеле да работат во тајност.

„Можевме да работиме во тајност поради природата и начинот на кој ние работиме“, изјавил Даглас Вајс, тогашниот оперативен офицер на ЦИА со седиште на Балканот.

Тој вели дека и учеството на американската известувачка агенција во изборите била значајна, а Вашингтон ги користел сите инструменти на нашата национална сила за да создаде резултат кој би бил поволен за САД.

Исто така, наведено е дека американските организации за промоција на демократија, делејќи ја загриженоста на Клинтон, настојувале да обезбедат Милошевиќ да не може да го фалсификува пребројувањето на гласовите.

Една невладина организација, која ја финансираат САД, обучила повеќе од 15.000 активисти за следење на изборите на избирачките места.

 

На денот на изборите пратениците на опозицијата ги делеле гласачките ливчиња заедно со владините официјални лица. Државното броење на гласовите сугерирало дека Милошевиќ има мала предност. Но, паралелното броење ја открило вистината. Тој изгубил со голема разлика.

Во тие моменти избувнале големи протести, а Милошевиќ, неспособен да ја задуши народната револуција, бил принуден да поднесе оставка.

 

 

 

Но, тајната рака на ЦИА останала скриена. Две децении подоцна, сега пензионираните американски известувачи изразиле необјасниво уверување дека нивната работа се покажала како клучна во поразот на Слободан Милошевиќ.

Сајфер го коментирал успехот на операцијата на ЦИА. Вајс изјавил дека САД направиле голема разлика и дека комбинацијата на прикриена и отворена тактика произвела позитивен исход.

Како и кај сите прикриени операции со кои се влијаело на избирачите, ЦИА сепак не можела да го процени нејзиното прецизно влијание. Сајфер напоменал дека официјалната влада на Србија им дале заслуга на ЦИА за нивната победа зад затворени врати.

ЦИА интервенирала двапати и во Србија и во Ирак

За Вашингтон, изборните манипулации станаа крајно средство, вели Вајс, а српскиот случај е целосен исклучок, дел и поради злосторствата што ги направи Милошевиќ, а дел и поради кредибилната и атрактивна природа на опозицијата.

За таквите случаи Вајс тврдел дека целите ги оправдуваат средствата. За некого можеби ризик било да се направи нешто што не изгледа американски, објаснува Вајс.

Авторот наведува и дека кога го прашал Клинтон зошто во Србија е спроведена тајна акција, тој едноставно кажал дека постои линија на смртта, која Милошевиќ ја преминал.

Во текстот се наведува дека ЦИА двапати во 21 век се вмешала во изборите во некои земји. Тоа било Србија во 2000 година и Ирак во 2005 година.

„Многу клучни играчи, кои станале водечки луѓе во земјите, продолжиле да се состануваат со нас и да ни зборуваат дека нашите напори довеле до нивниот успех“, изјавил Сајфер, кој ја објаснил помошта – од огласувањата па сè до финансирањата и начинот на кој ги правеле работите за време на кампањата.

Авторот на текстот во „Форин аферс“ наведува дека во интервјуата на високи владини официјални лица им било непријатно кога ги споменувале ЦИА и поразот на Милошевиќ.

„Знам, но не сум во можност да зборувам“, изјавил Џон Меклаглин, кој бил заменик-директор на ЦИА во 2000 година.

Мешањето на ЦИА во изборите во 2000 година не било репрезентативно за постстуденовоените операции. На крајот, колку често воен злосторник може да биде соборен со гласачко ливче?

 

Ќе ви се допадне